Чешки суд го ослободи Андреј Бабиш за делото измама на европски фондови
Чешки суд во понеделникот го ослободи поранешниот премиер Андреј Бабиш од обвиненијата за измама, подобрувајќи ги изгледите на милијардерот на претседателските избори оваа недела, на кои тој е меѓу фаворитите, објави Ројтерс.
Обвинителството побара тригодишна условна казна и парична казна за Бабиш, обвинувајќи го за злоупотреба на 2 милиони евра европски фондови за изградба на забавен и конференциски центар во близина на главниот град Прага. Денешната одлука на судот може да се обжали, наведува Асошиетед прес.
Бабиш, кој не присуствуваше на изрекувањето на пресудата во понеделникот, негираше дека сторил нешто лошо.
Во неговиот последен говор пред судот во петокот, тој рече дека случајот е политички мотивиран.
„Целиот процес е наместен, тоа е политичко прашање, не се презентирани докази“, изјави Бабиш пред новинарите на излегување од судницата.
Со неговата партија АНО во моментов во опозиција, Бабиш (68) се обидува да ја добие претседателската функција и да го замени честиот сојузник Милош Земан, чиј втор мандат истекува во март.
Пресудата би можела да ги подобри неговите изборни шанси, бидејќи анкетите покажуваат дека тој е блиску со независните кандидати Петар Павел, резервен генерал и поранешен претседател на Воениот комитет на НАТО, и Дануше Нерудова, поранешен ректор на Земјоделската академија.
Ниту еден кандидат не се очекува целосно да победи во првиот круг, кој ќе се одржи во петок и сабота, што значи дека најверојатно ќе следи вториот круг меѓу двајцата кандидати со најмногу гласови на 27 и 28 јануари.