Чешки милијардер купува ТВ-империја во пет земји на ЕУ


Чешка– Инвестициската група ППФ, сопственост на Петр Келнер, кој не се експонира јавно и покрај тоа што е најбогатиот човек на Чешката Република, во понеделникот потврди дека склучила договор за медиумската група ЦМЕ, која води 30 ТВ-станици во пет држави од Централна Европа.
Додека ППФ не ја соопшти вредноста на трансакцијата, чешките медиуми ја оценија на 1,9 милијарда евра.
Според Мартин Какл, аналитичар во инвестициската банка со седиште во Прага, „Патриа финанце“, ЦМЕ вреди околу две милијарди евра. ЦМЕ има ТВ-канали во Бугарија, Чешка, Романија, Словачка и Словенија, со публика од околу 45 милиони гледачи.
„ЦМЕ е здрава и добро водена организација и немаме намера да направиме значителни промени во работењето“, се вели во изјавата на Келнер.
ППФ инвестира во финансиски услуги, телекомуникации, недвижнини и биотехнологија ширум светот и нејзиниот имот вреди 45 милијарди евра.
Трансакцијата е предмет на одобрување од акционерите на ЦМЕ, Европската комисија и регулаторите на националниот пазар, соопшти ППФ.
Основана во 1994 година со стартот на чешката комерцијална ТВ Нова, ЦМЕ има седиште во британската прекуокеанска територија на Бермуда и се наоѓа на листата на Насдак и на Прашката берза (Еурактив).