Чешка за нов претседател на земјата го избра Петр Павел


Петр Павел
Чешкиот премиер Петр Фијала денеска им честиташе на Чесите што го избраа пензионираниот генерал, поранешен началник на Генералштабот, а подоцна и втор човек на НАТО, Петр Павел (61), за нов претседател на земјата.
 
„Победи граѓанскиот кандидат и вредностите што тој ги застапува, а тоа е многу важна вест во овие меѓународно и економски тешки времиња. Зад нас е најодвратната изборна кампања во поновата историја. Општеството од неа излегува поделено. Добро е што во претседателскиот дворец Храдчани ќе биде претседател кој сака да обединува“, рече премиерот Фијала.
 
Чешкиот премиер оцени дека денешниот пораз на изборите за претседател на Чешка заедно со поразот на парламентарните избори за поранешниот популистички премиер, петтиот најбогат тајкун во Чешка, Андреј Бабиш, може да значат крај на неговата популистичка ера.
 
Во кампањата пред претседателските избори популизмот беше директно поврзан со екстремизмот, а тоа е многу опасно. Бевме сведоци на поттикнување стравови, доведување во прашање на нашите меѓународни обврски. Бевме сведоци на напори за разгорување страсти, злоупотреба на стравовите на луѓето. Популизмот е опасен затоа што не познава граници“, рече премиерот Фијала.
 
Петр Павел добива силен мандат од чешките гласачи, бидејќи според прогнозите освоил повеќе гласови од неговиот претходник, претседателот во заминување Милош Земан.
 
„Мислам дека овде нема победнички и поразени гласачи. Сите ние сме граѓани на Чешка. И гласачите на Андреј Бабиш сакаат државата да функционира и да им помогне“, рече генералот Павел во првите реакции за победата.
 
„Знам дека многумина се разочарани затоа што нивниот кандидат не победи. Не гледам победници или губитници во оваа земја. Победија вредностите како што се вистината, достоинството, почитувањето и покорувањето. Убеден сум дека сакаме Чешка каде не владее лошо расположение, како што тоа го означи Вацлав Хавел, туку во која владее доброто расположение“, рече Павел на прес-конференција.
 
По пребројувањето на гласовите од 99 отсто од избирачките места, генералот Павел освоил 58,12 отсто од гласовите, додека противникот, поранешниот популистички премиер, сега лидер на опозицијата, петтиот најбогат тајкун во Чешка, Андреј Бабиш. (68), освои 41,87 отсто од гласовите, а излезноста достигна речиси 70 отсто од 8,25 милиони регистрирани гласачи.
Бабиш му ја честиташе победата на генералот Павел, го призна поразот и му посака да биде сечиј претседател, да ги слуша проблемите на сите и да се бори за чешките национални интереси.
 
„Би ги замолил нашите поддржувачи да прифатат дека сум поразен и да прифатат дека имаме нов претседател“, изјави Андреј Бабиш.
 
Петр Павел ќе положи заклетва на 9 март, бидејќи два дена порано истекува вториот, според Уставот, последен мандат на претседателот Милош Земан.