Чешка вечер со квартетот „Вихан“ на „Охридско лето“

По синоќешниот концерт на „Синтезис“ со кој беше одбележан 61-от роденден на „Охридско лето“, музичката фестивалска програма продолжува со Чешка вечер и настапот на гудачкиот квартет „Вихан“.
Во своето 36-годишно опстојување, „Вихан“ стана еден од најпризнатите гудачки квартети чија специјалност е изведбата на дела од чешката музичка ризница, како и на дела од класичниот, романтичниот и модерниот репертоар за квартет.
Нивното аудио-издание со делата од опусот 34 и опусот 105 на Антонин Дворжак беше прогласено за „Снимка на годината“ на Мјузиквеб интернашнл, додека пак специјализираниот весник за класична музика „Би-Би-Си Мјузик Магазин“ нивната снимка на оп. 61 од Дворжак ја оцени како „Една од најдобрите снимени изведби на делото досега“.
Во 2012/2013 година, квартетот „Вихан“ беше резидентен ансамбл на Чешкото здружение за класична музика во концертната сала „Рудолфинум“ во Прага. Добитници се на бројни награди на интернационални натпревари како „Прашка пролет“ и „Камерниот фестивал“ во Осака, Јапонија. Во 1991 година, квартетот ја освојува првата награда и наградата од публиката на престижниот натпревар за гудачки квартети во Лондон по што стануваат резидентен квартет на Конзерваториумот за музика и танц „Тринити-Лабан“ во Лондон.
Во 2014 година од квартетот се повлекува виолистот Јиржи Зигмунд, а во 2017 година по 32 години музицирање, крај на кариерата во квартетот става и виолончелистот Алес Касприк. Нивните места во ансамблот ги заземаат виолистот Јакуб Чепицки, син на долгогодишниот виолинист во квартетот – Леош Чепицки и признатиот чешки виолончелист Михал Канка.
Концертот е од 21 часот во катедралната црква „Света Софија“.