Чешка се приклучи на повиците за повторување на изборите во Белорусија


„Ни требаат дополнителни санкции“, изјави претседателката на Европската комисија пред денешниот состанок на министрите за надворешни работи

 

Премиерот на Чешка, Андреј Бабиш, во петокот пред состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ повика повторно да се одржат претседателските избори во Белорусија со независни посматрачи.

Протестите продолжуваат веќе шести ден во Белорусија, откако претседателот Александар Лукашенко прогласи победа на изборите во неделата, кои беа опишани како „ниту слободни, ниту фер“ од шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел. Белоруските власти беа осудени по зголемените докази за полициска бруталност против демонстрантите.

„Изборите во Белорусија мора да бидат повторени, транспарентни и во присуство на странски набљудувачи“, напиша Бабиш на Твитер, додавајќи дека заедно со полскиот премиер Матеуш Моравјецки бара итно да се свика видео конференција на лидерите на ЕУ.

Словенечкиот премиер Јанез Јанша во четвртокот на прес-конференција во Блед заедно со државниот секретар на САД, Мајк Помпео, рече дека се потребни нови избори. „Единствено мирно решение за тековната криза во Белорусија е повторување на изборите под силно присуство на меѓународни мисии за набљудување“.

Министрите за надворешни работи на ЕУ денес, петок, одржуваат итна видео конференција, откако ЕУ се закани со санкции на почетокот од оваа недела. Сепак, не се очекува официјално соопштение од состанокот, а тоа се очекува само кога министрите за надворешни работи ќе се состанат лично на 27 и 28 август.

„Ни требаат дополнителни санкции против оние кои ги кршеа демократските вредности или ги злоупотребија човековите права во Белорусија“, твитна во петокот претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. „Убедена сум дека денешната дискусија на министрите за надворешни работи на ЕУ ќе ја покаже нашата силна поддршка за правата на луѓето во Белорусија за основните слободи и демократија“.

Австрискиот министер за надворешни работи, Александар Шаленберг, во петокот за радиото ОРФ изјави дека земјите од ЕУ мора да воведат санкции за земјата.

Министерот за надворешни работи на Белорусија, Владимир Макеи во петокот наутро ја опиша „подготвеноста на белоруската страна за конструктивен и објективен дијалог со странските партнери за сите прашања поврзани со случувањата во Белорусија“, во телефонскиот разговор со неговиот швајцарски колега. (Според агенциите)