Чешка најави дека ќе организира нов самит ЕУ-Западен Балкан


Проширувањето на ЕУ ќе биде еден од приоритетите на чешкото претседателство со Унијата, вели шефот на дипломатијата Томаш Петричек

Министерот за надворешни работи на Чешка најави дека неговата земја ќе организира нов самит на Европската унија и Западен Балкан кога таа ќе претседава со Унијата во втората половина на 2022 година. Тоа можеби изгледа далеку, но министерот Томаш Петричек, вели дека неговата земја е еден од најголемите поборници за проширување на Унијата и затоа еден од нејзините клучни приоритети ќе биде побрзо приближување на западнобалканските држави кон ЕУ.

„Приоритетите на чешкото претседателство со Советот на ЕУ сега се во фаза на подготовка. Општо, ќе ги насочиме нашите напори да промовираме просперитетна, модерна, чиста и безбедна ЕУ, која целосно го користи потенцијалот на нејзиниот внатрешен пазар.

Што се однесува до проширувањето на ЕУ, тоа дефинитивно ќе биде еден од приоритетите на чешкото претседателство со ЕУ. Доколку условите се соодветни, имаме намера да организираме самит ЕУ-Западен Балкан што ќе го потенцира вниманието што сите ние го посветуваме на процесот на интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ“, вели Петричек во интервјуто за веб-сајтот „Јуропиан Вестерн Балканс“.

Тој вели дека конечната детална форма на методологијата за пристапување се планира да биде одобрена од Советот во ноември. „Ние ја поддржуваме оваа намера бидејќи ќе се постават темелите за одржување на првите меѓувладини конференции со Северна Македонија и Албанија до крајот на германското претседателство со ЕУ“, нагласува чешкиот министер Томаш Петричек.