Чешка и Русија со рекордни новозаболени

 

Чешка и Русија забележаа голем скок на новозаболени од корона вирусот.

Според последните податоци, во Чешка регистрирани се 2.913 случаи со Ковид-19, што е втор највисок дневен пораст досега забележан во таа земја.

Како што соопштија здравствените власти, до вчера вкупниот број заразени со Ковид-19 изнесуваше 58.374.

Ројтерс потсетува дека Чешка, која има 10,7 милиони жители, во последната седмица бележи значителен пораст на бројот заразени, до што дошло по ублажувањето на повеќето противепидемиски мерки воведени во текот на летото.

Во соседната Словачка, во последните 24 часа бројот на заболени порасна за 419, што е најмногу од почетокот на пандемијата, соопшти денеска премиерот Игор Матович на Фејсбук.

Словачка од почетокот на епидемијата беше европска земја со најмалку заболени и починати.

Во Русија пак, во последното деноноќие забележани се нови 7.212 случаи, што е најголем број во еден ден од 23 јуни.

Починаа 108 луѓе, со што вкупниот број жртви од ковид-19 порасна на 20.056.

Од почетокот на пандемијата од корона вирус заболеа вкупно 1.136.048 лица, а најмногу заболени има во Москва.