Чешка гради импровизирани болници, рекорди во Полска и Словачка: „Изгледите не се добри“

Болница во Прага (Фото: АФП)

Бројката на хоспитализирани во Чешка е шест пати поголема отколку на врвот на пандемијата пролетоска

 

Чешка ќе започне да гради импровизирани установи за сместување на пациенти надвор од болниците поради големиот пораст на бројот на заразени, соопштија во четвртокот владини претставници, додека во соседните Словачка и Полска се забележани рекордни бројки на новоинфицирани лица.

Чешкиот министер за внатрешни работи Јан Хамачек за новинската агенција ČTK изјави дека армијата во Прага ќе започне со изградба на импровизирана болница со 500 болнички кревети во сабота.

Бројот на инфекции со коронавируси во Чешка речиси двојно се зголеми во октомври, достигнувајќи 139.290 во земјата со 10,7 милиони жители.

Потврдени се 9.544 нови случаи во средата, што е најголем број заразени за еден ден.

Премиерот Андреј Бабиш пред новинарите изјави дека треба да се изградат дополнителни болнички капацитети и дека државата ќе купи 4.000 легла. „Немаме време, шансите не се добри. Тие бројки се катастрофални“, рече Бабиш.

На почетокот на оваа недела, владата затвори барови, ресторани и клубови, додека училиштата работат преку интеренет.

Бројот на хоспитализирани се зголеми за 161 процент во октомври, на 2.678, додека 518 пациенти со Ковид-19 се на интензивна нега.

Бројот на починати се зголеми за 75 проценти овој месец, на вкупно 1.172.

Болниците ги пренаменуваат општите одделенија на одделенијата за корона вирус, додека повеќето посети на болници кои се сметаат за непотребни се откажани.

Бројот на хоспитализирани е шест пати поголем отколку во екот на првиот бран на пандемијата.

Во Полска, бројот на новоинфицирани во четвртокот беше над 8.000, што претставува рекорден број на нови инфекции втор ден по ред.

Шефот на кабинетот на премиерот, Михал Дворчик, изјави за ТВН 24 дека може да се очекува „значително“ зголемување на бројот на заразени за „одредено време“.

Бројот на заразени во четвртокот е за 24 проценти поголем од претходниот ден, соопшти Министерството за здравство.

Во земјата со 38 милиони жители, од почетокот на пандемијата се пријавени 149.903 случаи на инфекција, додека 3.308 луѓе починале од корона вирусот.

Владиниот портпарол Пјотр Мулер за јавното радио ПР1 изјави дека нови ограничувања најверојатно ќе бидат воведени во четврток, но само во некои области во Полска.

„Нема да биде толку сеопфатно како пролетоска. Може да има ограничувања на бројот на луѓе“, рече тој.

Заменик министерот за здравство Валдемар Краска за јавното радио ПР24 изјави дека повеќето од поголемите градови во Полска ќе бидат прогласени за „црвени“ зони со највисоко ниво на ограничувања во четврток.

Словачка во четвртокот забележа 1.929 нови случаи на инфекција, најголемо дневно зголемување од почетокот на пандемијата.

Словачка имаше малку инфекции, во споредба со другите европски земји, во првиот бран на пандемијата, но бројот на заразени расте побрзо во последните месеци, како и во повеќето други европски земји.