Чешка „гори“: Вирусот се шири многу брзо

Во Чешка од ден во ден од почетокот на октомври се бележат рекорди во бројот новозаразени со корона вирусот, а во средата имаше нови 5.335 заразени.

Од почетокот на пандемијата бројот на умрените достигна 829, покажуваат новите податоци од чешкото министерство за здравство.

„Секој гледа дека тие бројки се зголемуваат. И не само новопотврдени, туку и луѓе во болница, а и смртни случаи. Тие броеви ќе растат отприлика уште две неdели“, вели министерот за здравство на Чешка, Роман Примула кој во петок ќе ги соопшти најновите мерки за понеделник.

Од почетокот на пандемијата во Чешка со корона вирус се заразиле 95.360 луѓе, а Чешка оваа седмица изби на чело на листата европски земји со најголем збирен пораст за 14 дена, со 327 заразени на 100.000 жители. Втора е Шпанија со 248, Белгија со 234, додека Германија има само 35.

Во Чешка најлош регион не е Прага како во септември, туку Ухерске Храдиште на југот на земјата, каде во текот на последната седмица се појавија 413 новозаразени на 100.000 жители.

Во Чешка не загрижува толку бројот на новозаразени, колку метеорската брзина со која вирусот се шири од септември.

Забрзување покажува фактот дека до првите 10.000 дојде за три месеци, 15 јуни, следните 10.000 се евидентирани за два месеца, за следните 10.000 беа потребни три недели, а за најновите само три дена. Од вкупно повеќе од 90.000 заразени половината се од еден месец – септември.