Ченто ја тужи Рускоска за „поткуп“ на клучниот сведок и за насочување на доказите

Еден од сведоците потпишал нотарска изјава дека не кажувал вистина на судењето за 27 април, бидејќи му биле ветени отстапки за други предмети ако го направи тоа


Осудениот за настаните од 27 април, Јане Ченто, заедно со  Богдан Илиевски и Борис Дамовски (или што би рекле од СДСМ -истите лица од времето на режимското ВМРО-ДПМНЕ) денес поднесоа кривична пријава во Основното јавно обвинителство против Вилма Рускоска, обвинителката која го водеше случајот.

Тие најавија дека целта е да се преиспита судењето за 27 април бидејќи ќе бидат изнесени дополнителни докази, што биле одбиени во минатото судење и според кои, како што тврдат, ќе се види дека „се користеле незаконски докази, се вршеле притисоци врз сведоци и се донела пресуда врз основа на монтирани постапки“.

Иако обидот за државен удар на 27 април го следеа во живо сите граѓани и тројцата не беа таму да берат цвеќе или да учат за демократските практики на Собранието – тие најавија дека нема да престанат со „борбата“ додека не добијат правда , наредувајќи се практично и тие во низата на поддржувачи или функционери на ВМРО-ДПМНЕ кои имаат задача што треба да ја исполни новиот јавен обвинител Ненад Савески. 

„Повеќе од 8 години се соочуваме со системска неправда. Поради тоа поднесовме кривична пријава против поранешна јавна обвинителска според член 368- а, за попречување на правдата и според член 353, за злоупотреба на службената положба“, соопшти Ченто на прес конференција додавајќи дека дополнителните докази сериозно го доведуваат во прашање начинот на кој се водела истрагата  и судскиот процес против нив. 

„Документите укажуваат на комуникација меѓу висок функционер и еден од клучните сведоци, меѓу брат на функционер и сведок за можни договори со обвинителството, како и за насочување на сведочењето. Сведокот со изјава заверена на нотар  изјавува дека неговото претходно сведочење било невистинито и дека му било ветено дека ќе му се помогне  во други кривични постапки ако даде таков исказ. Дополнително, постои вештачење  од овластен судски вештак  од телефон кое ја поткрепува  изјавата на сведокот заверена на нотар“, ги соопшти новите докази Ченто. Практично, изјава од сведок кој еднаш лажел, а сега тврди дека ќе ја каже вистината, иако тоа отвора прашање – дали можеби му понудиле сега нешто повеќе? 

Сепак, Ченто го повика јавниот обвинител Савески  да ги прегледа пријавата и доказите, порачувајќи му дека јавноста има право да знае , а институциите имаат обврска да постапат.

„Кога имате изјава заверена на нотар  во која се признава лажно сведочење  и кога имате јавно признание на судија поротник, ова веќе не е политичко прашање,туку прашање на владеење на правото“, порача Ченто. Па, додаде дека ова не е политичка изјава туку чекор заснован  на документи и сериозни сомнежи за сторено кривично дело по што ги повика институциите професионално и веднаш, без одлагање, да постапат, да ја утврдат вистината „без страв и без политички влијанија“ бидејќи тоа според него ќе покаже дали во Македонија има правда или ќе биде како досега.

„Оваа кривична пријава е тест за институциите дали ќе застанат на страната на правдата или ќе ја штитат неправдата. Ако правдата е вистинск, нема од што да се плашат“, рече Чнто додавајќи дека „доколку институциите и натаму молчат, тие нема да молчат и ќе продолжат со борбата“, односно ќе објават во јавноста докази и имиња. Кривичната пријава според него е првиот чекор,а вториот е да се преиспита постапката. 

Инаку, Рускоска во интервју во „Ноќно студио“ на 4ТВ деновиве рече дека обвинението било напишано врз база на материјални докази пред се и вербални со кои раполагало Обвинителството. На коментар од гледач дека „таа треба да одговара за незаконско судење за 27-ми април и лажни докази“, Русковска праша: Зошто јас?

„А, каде се судиите на Апелацискиот суд што ја потврдија пресудата? А каде е обвинителот што го застапуваше предметот пред Апелација? А каде се судиите на Врховниот суд кои ја потврдија пресудата? А каде е обвинителот што го застапуваше преметот пред Врховниот суд? Каде се сите други?“, реторички праша Русковска.

Одговарајќи на прашањето – дали таа и судијката Добрила Кацарска суделе се што ќе им каже Заев и СДСМ и биле целосно наклонети на партијата СДСМ – таа ги отфрли таквите наводи за себе.

„Јас бев суспендирана и разрешена во времето на СДСМ. Немало да бидам суспендирана и разрешана ако сум работела според нивни диктат“, потенцираше поранешната обвинителка.

Таа одговори и на прашање позврзани со квалификацијата на кривичното дело.

„Јас секогаш сум говорела дека не се терористи. Никој не беше обвинет за тероризам. Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста е едно кривично дело и е во една глава од Кривичниот законик. Тероризам е сосема друго кривично дело и во друга глава во Кривичниот законик“, потенцираше Русковска.

Според неа, кривичната пријава е замајување на јавност бидејќи едно од предизборните ветувања на сегашната влада беше дека ќе ги ослободат обвинетите од 27 април.

„Ние обвинителите сме само странка во постапката, конечната одлука ја носи првостепениот и второстепениот суд. За разлика од Јане Ченто јас се борам со силата на аргументите и доказите, а не со насилство. Насилството никогаш не е решение, пресудата беше потврдена од Апелациониот суд и од Врховниот суд така да тоа подразбира дека немало никакво незаконско постапување во било која инстанца.

Ова е според мене, замајување на јавност бидејќи едно од предизборните ветувања на сегашната влада беше дека ќе ги ослободат обвинетите од 27 април. И сега се поставува прашањето зошто кривичната пријава само против мене, а судот ја носи пресудата. Па кај е обвинителот или обвинителката, не знам кој постапувал, пред Апелациониот суд во второстепена постапка и судиите таму. Каде е обвинителот или обвинителката пред врховниот суд. Ова е свртување на внимание мислам од она предизборното ветување на ВМРО – ДПМНЕ кое не го исполнија.

Мајка ми била во бугарски затвор, татко ми ранет го закопавме со бугарски куршум па не може Јане Ченто да ја сака оваа држава од мене. Па, како може да си даде за право дека тој ја сака повеќе оваа држава, па моите родители крвареле за оваа држава. Кој му дава за право дека тој ја сака оваа држава повеќе од мене“, порача Русковска за „Слободен печат“.

Осудените во судскиот процес за 27-ми април во сите изминати години обвинуваа за политички прогон и монтиран процес. Јане Ченто го посочи 15-ти март 2019 година како датум што ќе остане запишан на најцрните страници на македонското правосудство, иако сите така го запишаа 27 април.

Во најобемниот судски процес во Македонија досега за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста беа осудени 16 лица. Минатата недела Апелацискиот суд го одби барањето за повторно судење , а Јане Ченто во објава на Фејсбук искоментира дека тоа е очекувано од систем што со години се штити сам себеси.

„Но ова не е крај. Ова е само уште еден доказ дека правдата тука не доаѓа сама туку се освојува. Битката продолжува, и ќе продолжи со сите расположливи механизми. Очекувам новиот јавен обвинител да постапи соодветно во периодот што следи и да покаже дали конечно ќе има вистинска правда. Следува период во кој многу работи ќе излезат на површина“, најави тој.

Во мај 2023 година и Врховниот суд ги одби барањата за вонредно преиспитување на пресудата за случајот „27 април“, со што практично ги потврди одлуките што претходно ги донесоа Основниот кривичен и Апелацискиот суд во Скопје. (С.Ј.)