Чекор назад на Трамп во трговската војна: Ги замрзна царините за 90 дена, но ја зголеми стапката за Кина на 125 отсто

Министерот за финансии Скот Бесент им порача на странските држави да не возвраќаат и дека за тоа ќе бидат „наградени“. Берзите веднаш реагираа позитивно


Воздишка на олеснување на вработен на њуршката берза по објавата на Трамп за пауза од 90 дена (Фото: Ројтерс)

 

Американскиот претседател Доналд Трамп го смени курсот во глобалната трговска војна што ја започна пред само една недела, објавувајќи на социјалните мрежи 90-дневна пауза на новите царини против секоја земја освен Кина.

Тоа се случи само неколку часа откако Трамп ја повика земјата да „БИДЕ кул“ во друга објава која дојде во услови на континуиран светски хаос, при што Кина и Европската унија возвраќаат, а финансиските последици се проширија на пазарите на обврзници.

Додека ја стопираше својата поширока тарифна програма поради зголемените стравови од рецесија, Трамп ги зголеми тарифите против Кина на 125 отсто, врз основа на, напиша тој, „недостатокот на почит што Кина го покажа кон светските пазари“.

Пекинг во средата воведе дополнителни царини за увоз од Соединетите Држави за вкупно 84 отсто, како одговор на Белата куќа што ги прошири тарифите за сите кинески стоки на извонредни 104 отсто.

„Кога ќе ги удирате Соединетите Американски Држави, претседателот Трамп ќе возврати посилно“, им рече секретарот за печат Каролин Левит на новинарите по објавата на Трамп.

Повлекувањето на Трамп ја врати берзата во позитивна територија по неколкудневни огромни загуби. Секретарот за финансии Скот Бесент, кој разговараше со новинарите заедно со Левит, ги истакна плановите да седне со своите колеги од Јапонија, Виетнам и Јужна Кореја оваа недела за да работи на билатерални трговски договори.

„Секоја земја во светот што сака да дојде и да преговара, ќе ве слушнеме“, рече Бесент, кој ја оспори сугестијата дека Трамп се повлече од неговата трговска војна, која избриша билиони вредност од глобалните пазари за помалку од една недела.

„Не, претседателот Трамп создаде максимално преговарачко влијание за себе“, рече Бесент, истакнувајќи дека повеќе од 75 земји се обратиле до администрацијата за да разговараат за трговските односи, но дека зацврстувањето на формалните договори за да се избегне повторното спроведување на тарифите „ќе потрае некое време“.

Бесент рече дека земјите кои не возвратиле на објавувањето на тарифите на САД минатата недела ќе бидат „наградени“.

„Не возвраќајте, и ќе бидете наградени“, рече тој. Тој истакна дека царинската стапка за кинески стоки е зголемена „поради нивното инсистирање на ескалација“.

Мексико и Канада се вклучени во основните тарифи од 10 отсто, рече тој.

Уредникот на „Вашингтон пост“ Марк Фишер на Скај њуз го опиша 90-дневниот прекин на царините на Доналд Трамп за сите земји освен Кина – иако прецизните детали остануваат нејасни – како „класичен Трамп“.

Тоа е „контрола на штетата“, рече тој. „Неговата администрација ова ќе се обиде да го претвори во победа“, додаде тој.

„Пресекретарот дури рече дека ова е доказ дека претседателот е во тоа на долг рок“, рече тој. „Па, долгорочно траеше околу три дена. И превирањата на пазарите го сменија тоа. Реакцијата ширум светот ги сврте работите. Ова е уште еден случај во долгата литија на потези на Трамп во кои тој создава хаос, шири страв, а потоа отстапува штом ќе стане тешко“, заклучи Фишер.