„Чекаме Бугарија да има стабилна влада“: Џемс О’Брајан за проблемот меѓу Скопје и Софија

Дел од нашата дипломатска работа е да работиме да се одржи Преспанскиот договор, рече дипломатот на сослушувањето во Сенатот


Џемс О'Брајан за време на сослушувањето во Сенатот

 

Вашингтон чека во Бугарија да се избере постабилна влада за да биде поактивен во разговорите за точниот начин на спроведување на договорот меѓу Скопје и Софија, изјави помошникот-државен секретар на САД Џејмс О`Брајан на сослушување за иднината на Европа во Комитетот за надворешни работи на Сенатот. Бугарија е во уште еден циклус на нестабилна политичка ситуација по последните избори во јуни и оди кон уште едно предвремено гласање – седмо во последниве неколку години.

Тој рече дека Северна Македонија страда поради несогласувањата со соседите, што е еден од проблемите за пристапување во ЕУ и влијае на постојано менување на условите.

Тој беше прашан од демократската сенаторка од Њу Хемпшир, Џин Шахин, што можат САД да направат повеќе да ги охрабрат Европејците да ги исполнат ветувањата за државите од Западен Балкан што ги направиле бараните реформи, без да ги менуваат правилата или условите за нивно придвижување кон ЕУ, како што е случајот со Северна Македонија.

„Главното прашање е договорот што Северна Македонија го има со Бугарија, и штом Бугарија има постабилна влада, ќе треба да има разговори за точниот начин на кој да се имплементира. Значи, тоа ќе биде област каде што очекувам и ние да бидеме многу активни“, одговори О`Брајан.

Бугарија вели дека нема намера да поставува нови услови на патот кон ЕУ, но оти нема да дозволи отстапување од постигнатите договори, од кои првиот е вклучување на Бугарите во македонскиот устав.

Дипломатот го спомена и Преспанскиот договор.

„Дел од нашата дипломатска работа е да подготвиме пат за да го одржи договорот што го има со Грција, и мислам дека вашата средба (на самитот на НАТО со премиерот Мицкоски – н.з.) и другите помогнаа да се задржи Грција да стане пријател на патот на Северна Македонија напред, наместо критичар. Исто и со Албанија“, изјави О`Брајан.

Околу патот на регионот кон ЕУ, О’Брајан нагласи:

„Ова е посебен проблем. Прво ова е дневен предизвик, да бидеш пријател на процесот, а често да не си дел од процесот, но значи охрабрување на земјите да направат болни реформи, политичките функционери во земјите да не прават големи барања кои би излегле од колосек, од напредокот. Исто така, значи сугерирање алтернативни патишта. Една работа на која работев постојано со владите е да ги донесам до заеднички регионален пазар, но исто така и до единствениот пазар пред зачленувањето во ЕУ. Во пристапниот процес има два вида на проблеми, а тоа е да се прават неопходните реформи и добрососедските односи, рече помошникот- државен секретар.