Чекајќи го терминалот во Александрополис: Може ли Македонија без рускиот гас

Префрлање на производството на други алтернативни горива бара пренамена на технологијата и опремата што е долг и скап процес, велат од скопски „Макстил“


 

Европските земји вложуваат максимални напори да се оттргнат од зависноста од руските енергенти, пред се од гасот за кој од Москва се условени да го плаќаат во рубли доколку сакаат да го добиваат. Македонија во целиот овој енергетски вител како мал потрошувач е на маргините, ако се земе потрошувачката од околу 400 милиони метри кубни гас, но е во самиот врв ако се земе во предвид зависноста од Русија, и немањето алтернатива, барем додека не поврзе со гасоводниот систем на Грција и снабдувањето да го пренасочи кон изворите од Азербејџан и други држави. За сега, единствена врска за снабдување со гас е гасоводот од Бугарија, која пак транспортира руски гас. Тоа и го наметна прашањето дали македонската економија може без руски гас и што доколку се случи прекин на снабдувањето.

Работите дополнително се комплицираа мината недела кога Русија одлучи да ги сопре испораките на гас кон Бугарија и кон Полска бидејќи одбија да го плаќаат во рубли.

Наспроти смирувачките тонови на надлежните министри дека последиците врз Македонија, доколку прекине испорака на гас во земјава ќе бидат минимални, стопанските субјекти кои што се зависни под овој енергент не го делат ваквото размислување.

„За нас како втор најголем потрошувач на природен гас во земјата не постои алтернатива доколку настане прекин во снабдувањето. Ние во нашиот производен процес користиме исклучиво електрична енергија и природен гас за загревање на печките. Префрлање на производството на други алтернативни горива бара пренамена на технологијата и опремата што е долг и скап процес, таа технологија веќе застарува и го намалува квалитетот на нашиот производ“, велат од скопски „Макстил“ за Независен, одговарајќи на прашањето какви би биле последиците за производствениот процес доколку се случи прекин во испораките со гас и дали „Макстил“ има можност за користење на алтернативни горива, како на пример мазутот.

Од оваа важна компанија во металната индустрија, но и за целото стопанство со оглед на нејзиниот придонес во домашниот бруто-производ, велат дека ги чувствуваат последиците од енергетската криза, особено поради цените на електричната енергија и на гасот.

„Во изминатите 10 месеци се соочуваме со енормно зголемување и до сега незабележано високо ниво на цени на електричната енергија и природниот гас. Трошоците за производство се зголемени неколкукратно, средствата за финансирање на производството исто така се значително повисоки и сето тоа влијае на и онака комплексната позиција на челичната индустрија во светската економија“, велат од „Макстил“.

Сепак, како што додаваат, до сега не се соочиле со прекин или намален доток на природен гас и се надеваат дека така и ќе остане во иднина.
„Последните случувања во Полска и Бугарија внесоа дополнителна неизвесност околу континуитетот во снабдувањето“, велат од „Макстил“.

Во врска со начинот на плаќање на овој енергент, од компанијата велат дека „Макстил“ своите обврски кон „Макпетрол“ ги подмирува во денари и немаат информација како понатаму се вршат меѓународните плаќања.

Инаку, минатата недела министерот за економија Крешник Бектеши на прес конференција рече дека рубљата е повторно на курсната листа на Народната банка, а во врска со ова прашање, ден потоа гувернерката на НБ, Анита Ангеловска Бежоска одговарајќи на новинарско прашање рече дека сите предуслови се создадени и не гледа дека треба да има некоја пречка за плаќање на начин на којшто е потребно. Таа посочи дека воопшто не постојат никакви регулаторни пречки за редовна достава и плаќање на гасот.

„Се што беше до Централната банка како регулатива веќе е подготвено. Во текот на минатиот месец направена е измена и компаниите кои се увозници на гас немаат никаква пречка во делот на навременото снабдување“, порача Ангеловска–Бежоска.

Оцените на надлежните за евентуалните последици врз стопанството доколку секне рускиот гас, се темелат на податокот дека над 80 отсто од увозот на природен гас се користи од топланите, а грејната сезона е веќе завршена. Лани биле потрошени 426 милиони нормални метри кубни природен гас, а од почетокот на годинава биле увезени 127 милиони. Над 60 комерцијални и јавни потрошувачи и постројки за производство на струја и топлина се директно поврзани на преносната мрежа на природен руски гас.

„Со оглед на тоа што 80 отсто од гасот трошат топланите, за другите 20 проценти може да се снајдеме и преку снабдување со компримиран природен гас“, рече минатата недела министерот Бектеши.

Меѓу стопанските субјекти кои се корисници гас се и компаниите од Технолошко-индустриски развојните зони. И таму дел од нив гасот го користат за загревање, но има и многу значајни капацитети кои се клучни за македонската економија и кои учествуваат со голем процент во надворешно трговската размена на земјата, чие производство зависи од гасот. Тие, како што велат упатените, исто така немаат алтернатива во случај на прекин на испораките со гас, што значи дека во таков случај е можен прекин на производството. Инаку, според податоците на Дирекцијата на ТИРЗ, компаниите во ТИРЗ Скопје 1 и 2 годишно користат 5,2 милиони нормални метри кубни гас.

Иако потрошувачката е релативно мала во споредба со вкупната во земјата, треба да се има во предвид дека овие компании во македонскиот БДП учествуваат со 4 до 6 проценти и со 35 до 40 отсто во вкупниот извоз на државата.

Многу работи во врска со начинот на плаќање на гасот се очекува да станат појасни денес, по состанокот во Брисел на министрите за енергетика од земјите членки на ЕУ.

Како што пишува Еуроактив, со оглед на тоа што многу европски компании се соочуваат со рокови за плаќање гас подоцна овој месец, земјите на ЕУ имаат итна потреба да разјаснат дали компаниите можат да продолжат да го купуваат горивото без да ги прекршат санкциите на ЕУ против Русија поради нејзината инвазија на Украина.
Москва соопшти дека странските купувачи на гас мора да депонираат евра или долари на сметка во приватната руска банка Газпромбанк, која ќе ги претвори во рубли.
Европската комисија им кажа на земјите дека усогласувањето со руската шема може да ги прекрши санкциите на ЕУ, а истовремено сугерираше дека земјите би можеле да извршат исплати во согласност со санкциите доколку го прогласат за завршено плаќањето штом ќе биде извршено во евра и пред неговото претворање во рубли.

Откако Бугарија, Данска, Грција, Полска, Словачка и други минатата недела побараа појасни совети, Брисел подготвува дополнителни упатства.
Русија во петокот рече дека не гледа проблем со нејзиниот декрет, кој смета дека обврската на купувачот е исполнета само откако цврстата валута ќе се претвори во рубли.

Утре, пак, во Грција се подготвува голема свеченост на која и официјално ќе започне реализацијата на изградбата на гасоводот за течен природен гас, чија цел, според ЕУ, е подобрувањето на инфраструктурата и набавката на гас за целиот југоисточно европски регион, вклучувајќи ја и нашата земја.

Овој проект е од пресудно значење за Македонија да обезбеди алтернатива за рускиот гас. Во тие рамки е и изградбата на гасен интерконектор со Грција, за кој тендерот се очекува да се објави во јуни, а потоа во рок од 18 до 20 месеци треба да биде завршено гасното поврзување со Грција.

Со оглед на драматичните околности околу снабдувањето со гас, со кои се соочува не само нашата земја, тоа сепак е долг рок во кој ќе треба да се изнајдат и соодветни решенија не само за компаниите, туку и за обезбедување непречено греење наредната грејна сезона.