Чеферин на средба со Мицотакис: Спортското насилство е рак на фудбалот


Замислете каква личност треба да бидеш за да нападнеш друга личност, бидејќи другата личност носи различен дрес. Ова е ракот на фудбалот, а тие не се фудбалски фанови, не ги карактеризирајте како фудбалски фанови, бидејќи не се фудбалски фанови, тоа се луѓе кои го користат фудбалот за нивните идиотски идеи, порача претседателот на УЕФА Александер Чеферин, по денешната средба со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.

Чеферин изрази жалење за убиството на навивачот на АЕК, истакна дека некои ги користат фудбалските натпревари за криминал и насилство и порача дека треба да се стави крај на тоа.

– Насилството и хулиганството не се само грчки проблем, туку проблем за цела Европа и пошироко, но кога говориме за Европа, тоа е проблем од Скандинавија до Португалија, до Турција и другите делови од Европа. Треба да работиме заедно, не само како Европската Унија, а сметам и на помош и од грчката Влада и од грчкиот премиер. Ги повикувам сите дури и вас медиумите да ни помогнете да го елиминираме овој рак, не само од фудбалот туку и од општеството, посочи претседателот на УЕФА.

На медиумите им порача дека не можат на никој начин да го поддржуваат насилството и треба да помогнат во запирањето, додавајќи дека се решени да не се повтори случајот како оној пред една седмица во Атина.

Грчкиот премиер рече дека спортското насилство не е само на стадионите, туку и вон нив, за убиството на 29-годишниот навивач на АЕК истакна дека сторителите ќе биде откриени, порача дека „Грција е земја на владеењето на правото“, има независно судство и не прифаќа сугестии од никој, па дури и да е „официјален глас од странство“.

Паралелно најави конкретни мерки на национално ниво за справување со спортското насилство.

Рече дека ќе се затворат клубовите на навивачите, секој тим ќе има само еден клуб чие седиште ќе биде градот од којшто е фудбалскиот клуб, но и дека полицијата суштински ќе ги контролира влезот на организираните навивачи на трибините наменети за нив.

– Се надевам дека нема да биде потребно државата да ја активира последната, крајна мерка што ја има на располагање, а тоа е привремено исклучување на клубовите од сите европските натпреварувања. Сигурен сум дека на крај нема да треба да стигнеме до тоа, рече грчкиот премиер.

Мицотакис и Чеферин денеска одржаа средба во Премиерската палата во Атина, а веднаш потоа следеше состанок во проширен состав на кој освен претседателот на УЕФА и надлежните грчки министри присуствуваа и сопствениците на грчките фудбалски клубови Олимпиакос, Панатинаикос и АЕК, како и блискиот соработник на сопственикот на ПАОК.

По средбите во Премиерската палата, Чеферин попладнево ќе се сретне и со претседателот на Грчката фудбалска федерација Панајотис Балтакос.

Вечерва на стадионот „Георгиос Карајскакис“ на Олимпијакос во Пиреас ќе се одржи финалето од Суперкупот меѓу Манчестер сити и Севиља.