„Чебрен“ повторно во игра, но кој ќе го гради

За сега не е јасно дали Владата ќе бара нов стратешки партнер за изградба на „Чебрен“ или ќе се реши да го гради со сопствени сили, за што има и предлог закон од страна на Здружението на инженери


Проектот „Чебрен“ повторно влезе во врвот на агендата на политичарите, откако премиерот Христијан Мицкоски за тоа завчера разговараше со Ричард Гренел, поранешен пратеник на експретседателот на САД, Доналд Трамп, за Балканот и екс-американски амбасадор во Германија, а денеска најави дека многу скоро за овој проект ќе биде разработен „јасен план“. Што ќе донесе тој план, не беше прецизирано во одговор на новинарско прашање кон премиерот, по неговата посета на Клиниката за дигестивна хирургија, но беше посочено дека кон „Чебрен“ не треба да се гледа само како кон енергетски објект, туку многу повеќе како акумулација која ќе биде голем резервоар на вода од која ќе може да се полеваат земјоделските површини и ќе придонесе за развој на туризмот. Дури, според него, производството на струја е на четврто место спред приоритетите. Мицкоски не беше прецизен дали „Чебрен“ ќе го гради државата (за што од страна на Здружението на енергетичари има официјално барање до Владата и до Собранието) или пак, тоа ќе биде јавно-приватно партнество, но овој пат со посредство на американски посредници.

„Идејата е да видиме колку е можно повеќе, насекаде низ светот да собираат информаци од кредибилни партнери за нивно учество во вакви стратешки проекти. Во таа насока беше и средбата со господинот Гренел, плодна и успешна неколкучасовна средба. Разгледани се многу опции и можности. Секако дека ние као држава би биле партнер во тој проект бидејќи за нас Чебрен е од стратешко значење“, рече меѓу другото премиерот Мицкоски.

Интересно е што тој нагласи дека „не сите проекти се економски исплатливи и не сите проекти се за таа намена за која што првично мислиме“. Чебрен, инаку, во изминатиот период беше посочен како клучен проект кој треба да ѝ обезбеди на државата базна енергија, која ќе придонесе за стабилноста на електроенеретскиот систем.

Мицкоски рече дека проектот „Чебрен“ во јавноста е познат како хидроцентрала која треба да произведува електрична енергија, но тој не го занемарува фактот дека, како што рече, лично е убеден дека на идните генерации им е потребен уште еден резервоар вода имајќи ги предвид глобалното затоплување и предизвиците со него.

„Мислам дека новото езеро што ќе биде со овој проект ќе биде уште една можност за генерациите кои доаѓаат по нас да имаат уште еден резервоар вода“, рече Мицкоски.

Исто така, како што додаде, околу 55 илјади хектари во Тиквешко поле ќе имаат дополнителен резервоар за наводнување и ќе има можности за развој на туризмот.

„Таму нема ограничувања од аспект на заштита на животната средина. Можеме да го развиваме туризмот и да направиме населби кои ќе значат многу за локалната економија, но и за нас како држава. Дури потоа доаѓаме до четвриот приоритет, производството на електрична енергија“, рече Мицкоски. 

Тој рече дека во наредниот период ќе се утврдува дали проектот ќе се реализира со стратешки партнер или пак, државата ќе обезбеди финансирање, но како што нагласи, ќе се пристапи внимателно, односно нема да се влегува наивно во проектот.

„Набргу од денеска очекувам да разработиме јасен план и да почнеме и конечно да го завршиме овој проект. Дали тоа ќе биде со стратешки партнер, дали државата ќе обезбеди финансирање, па самата ќе го изгради, ќе направиме јасна анализа врз основа на информациите што сега ги собираме. Нема да влеземе наивно во овој проект и со големи ѕвона да го најавуваме – готово е завршена е работата“, рече премиерот Мицкоски.

Оваа негова изјава доаѓа откако тој завчера во Владата се сретна со Гренел при што се анализирале можностите за искористување на потенцијалите за идни заеднички инвестиции во проекти значајни за регионот. Во тој контекст била разгледана можноста за евентуално американско учество во енергетскиот проект „Чебрен“, кој има стратешко значење за енергетската независност на земјата.

Проектот „Чебрен“ неславно пропадна за време на мандатот на минатата Влада, откако за него успешно заврши меѓународниот тендер кој го доби грчката ППЦ-Архиродон, која беше и единствен понудувач на 14 по ред тендер за овој проект, откако претходните 13 завршија неуспешно.

Меѓутоа, наместо потпишување договор со грчкиот конзорциум, целата постапка беше поништена од страна на Министерството за животна средина, откако во предвидениот рок грчката компанија (заклучно со 31 декември 2023 година) не ја продолжи банкарската гаранција и со самото тоа престана да биде активна понудата на ППЦ-Архиродон.

Тогаш беше објаснето дека согласно тендерската документација додека е активна банкарската гаранција понудувачот требало да пристапи кон договор за заедничко вложување со ЕСМ, а тоа не го направила и не продолжила банкарската гаранција после 31 декември.

Инаку, ППЦ-Архиродон на 14 септември 2023 година беше избран за најповолен понудувач на 14. тендер за изградба на реверзибилната хидроцентрала ПАХЕ „Чебрен“. Подоцна имаше забелешки на јавниот повик и до крајот на 2023 година требаше да одлучи дали ќе продолжи со проектот. Првично одлуката требаше да ја донесе до 14 декември, но Министерството за животна средина и просторно планирање го продолжи рокот до 15 јануари 2024 година заради жалбената постапка која беше во тек, но банкарската гаранција им важеше до 31 декември 2023 година.

Владата лани на 14 септември лани донесе одлука со која се овозможи реализација на хидроцентралата Чебрен, со проценетата вредност на инвестицијата од околу една милијарда евра. Со одлуката беше предвидена изградба на реверзибилна хидроцентрала со инсталиран капацитет од најмалку 333 мегавати. Предвидено беше Чебрен да има функција на производство на електрична енергија, како и режим на пумпање и враќање на водата назад со што на Црна Река беше предвидено создавање на ново вештачко езеро. По завршување на проектирањето и обезбедувањето на потребните документи се очекуваше да се почне со градба која беше предвидено да трае седум години.

Меѓутоа, по завршување на тендерската постапка и особено во периодот кога требаше да се потпшишат документите за реализација на проектот, од страна на дел од енергетската јавност имаше силно противење и заложби за прекинување на овој проект.  

Најгласни беа од Здружението на инженери кои до Владата и до Собранието доставија Иницијатива за донесување на Закон за изградба на ПАХЕ Чебрен со, како што велат, македонски сили.

Од Здружението порачаа дека „Чебрен“ треба да се гради со сопствени средства од државата, а не по пат на јавно–приватно партнерство, бидејќи станува збор пред се за водостопански, а потоа за енергетски проект. Изразија сомневање дека се направени суштински, правни, економски и стручно-научни недостатоци во постапката при подготовка и реализација на тендерот за доделување концесија за користење вода за производство на струја со изградба на хидроелектраните на Црна Река.

Во тоа време на иста линија со Здружението беа и опозициските партии, кои обвинуваа дека со давањето под концесија на „Чебрен“, земјата ќе ја изгуби и онака слабата енергетска независност и дека нема да може да управува со водите од Реката Црна.

Сега, по изјавите на премиерот Мицкоски, очигледно дека повторно не е исклучено јавно-приватно партнерство, но со кои странски партнери, останува да се види во наредниот период. Секако, ќе биде инетерсно и однесувањето на Здружението на инженери, дали ќе го поддржат проектот на сегашната влада или ќе опстојат на заложбите „Чебрен“ да се гради со сосптвени сили.   (М.Ј.)