Чавков не се сеќава дали дал наредба да се апси Бошкоски


Фото: Б. Грданоски
Поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков сведочеше на денешното судско рочиште за случајот „Тортура“, односно за нечовечното апсење на Љубе Бошкоски.
Чавков за сведок беше предложен од СЈО, бидејќи во периодот кога Бошкоски беше уапсен како осомничен за случајот „Кампања“, во јуни 2011 година, бил на функцијата началник на Одделението за организиран криминал.
Тој во врска со апсењето на Бошкоски, истакна дека се сеќава дека станувало збор за индикации за коруптивно кривично дело поврзано со финансирање на политички партии.
На прашањето на обвинителот Љубомир Лапе, дали учествувал во овој случај и која била неговата улога, Чавков рече дека не се сеќава на деталите, но е сигурен дека се било документирано, како и за сите случаи.
На директното прашање на обвинителот, дали Чавков му се јавил на Ивица Анчевски да го уапси Бошкоски, тој рече:
-Не се сеќавам на детали, но со Анчевски ниту организациски, ниту функционално сум бил поврзан. Тој тогаш беше во рамките на СВР Скопје, рече Чавков, јавува Фокус.
Тој додаде и дека од обвинетите освен Сашо Мијалков и Ивица Анчевски друг не познава.
По Чавков сведочеше и Киро Николовски, кој во периодот на апсењето на Бошкоски, бил вработен како сметководител во полициската станица Гази Баба.
На денешното рочиште ќе бидат сослушани уште двајца сведоци.