Чаршијата замре за Курбан Бајрам (галерија)


Фото: Б. Грданоски

Граѓаните на Скопје, особено од исламската вероисповед, денешниот најтопол ден ова лето и прв ден од Курбан Бајрам (трае четири дена) одлучија да го поминат дома или во затворен простор. Дел од граѓаните сигурно ќе го спојат денешниот ден со викендот и со неработниот понеделник за празникот Илинден и ќе заминат во некој од туристичките места.

Фотогалеријата на нашиот фотограф Борис Грданоски денес регистрираше празни улици низ Чаршијата, затворени тезги и продавници на секогаш полниот Бит-пазар, заедно со Пластичарска. Само по некој минувач на плус 40 степени застанува да се разлади на чешмите, не можеше да се купи ниту сладолед, ладна лимонада или да се вкуси турскиот деликатес-баклава.

Курбан Бајрам како празник носи радости во семејството, се посакуваaт убави желби, добро здравје и расположение и оној што има дава на оној што нема.

Пандемијата на коронавирус но и исклучителните високи температури ги намалија посетите на гости меѓу најблиските, роднините и пријателите.

Особено за празник да не се заборави да се почитуваат мерките за заштита: заштитна маска, зачестена хигиена на рацете и одржување на физичка дистанца.