Чанак: Огромен срам за Србија поради гласањето во ОН за Крим


Претседателот на Лигата на социјалдемократи на Војводина (ЛСВ), Ненад Чанак, го оцени како голема грешка гласањето на Србија против резолуцијата на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН), со која се бара од Русија што побрзо да стави крај на „привремената окупација“ на Крим.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Чанак во соопштението до јавноста, изјави дека Србија застанала на страната на земјата која нападнала друга земја, ја прецртала границата и одзела дел од нејзината територија.

-Без оглед на тоа колку деновиве брујат таблоидите и партиите за кои (рускиот претседател Владимир) Путин и неговата администрација се поважни и помили од сопствената земја, срамот на лицето на Србија е огромен. Тој срам е полош и потраен дури и од последиците на оваа одлука што ќе ја има Србија на европскиот пат, изјави Чанак.

Тој додаде дека ако некој од српските официјални лица смета дека Русија ќе се откаже од користењето на Косово, Република Српска и Црна Гора како „жетон за дестабилизација на Западен Балкан – тој е во голема грешка“.

-Грешката е уште поголема бидејќи Србија не беше воздржана како Босна и Херцеговина и 16 други земји што ја избраа таа опција. Таа избра да гласа против. На страна, за момент, стоејќи со Иран, Белорусија и Северна Кореја, на страната на Русија и им се спротивстави на најразвиените земји во Европа и во светот. И на страна што оваа одлука не помага, нашите млади, да не одат на Запад, кажа Чанак.