Чадиковски до пратениците од Балканот: Не ги ограничувајте медиумите, ќе ја изгубите вашата слобода


Во рамките на регионалната конференција насловена како „Унапредување на дијалогот меѓу парламентите и новинарите од Западен Балкан“ во организација на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) во соработка со Собранието на Република Северна Македонија свое обраќање имаше Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски. Тој потенцираше дека ова е прв пат да дојдат пратеници и претседатели на собранија заедно со новинари на исто место, од четири земји. Смета дека тоа може да биде пресврт во градењето на нов менталитет на Балканот. „Не ги ограничувајте медиумите, ќе ја изгубите вашата слобода“, порача Чадиковски.

„Ниту вие пратениците треба да бидете мета на политички притисок, ниту ние новинарите треба да бидеме боксерска вреќа на насилниците кога гласно говориме. Без предуслови за слободна политичка арена вие пратениците не можете да им служите на граѓаните кои ве избрале. Без предуслови за безбедна работа на новинарите, ние новинарите не можеме достоинствено да им служиме на граѓаните во насока на правовремено и непристрасно известување” рече Чадиковски.

Меѓу, другото, тој посочи дека пратениците и новинарите имаат заедничка одговорност, достоинствено да им служат на граѓаните, во подобрување на политиките кои се од значење за сите, а тоа не е можно ако не се слушаат и почитуваат

„Јавниот интерес е важен именител како за новинарите така и за пратениците, новинарите мора да известуваат во полза на јавноста, а пратениците законите што ги гласаат да се во согласност со интересот на сите граѓани“, рече Чадиковски.

Тој нагласи дека без предуслови за слободна политичка арена пратениците не можат да им служат на граѓаните кои ги избрале, а без предуслови за безбедна работа на новинарите новинарите не можат достоинствено да им служат на граѓаните во насока на правовремено и непристрасно известување.