ЦГК: За една маска државните институции плаќале од 66 до 313 денари

Вкупно  6,7 милиони евра чинат договорите  за итни јавни набавки на државните институциите за заштита од коронавирусот склучени во првите шест месеци од кризата. За 68 отсто од склучените договори институциите ја прекршиле законската обврска да ги објават договорите во рок од десет дена од потпишувањето. Дури една третина тендерите ги распишало Министерството за внатрешни работи.

Ова го констатира  Центарот за граѓански комуникации во сумарниот извештај од мониторингот на јавните набавки поврзани со ковид-19 во првите шест месеци од кризата.

Според наодите на Центарот, 97  државни институции имале итни јавни набавки при што потпишале  447 договори кои тежеле 6,7 милиони евра..

Дури 2,2 милиони евра чинеле 13 јавни набавки на Министерство за внатрешни работи кое е на врвот по износот на склучените договори.

Бр. Институција Број на договори Вкупна вредност во евра
1 Министерство за внатрешни работи 13 2.167.253
2 Министерство за здравство 22 733.020
3 Универзитетска клиника за трауматологија 48 699.914
4 Градска општа болница „8 Септември“ Скопје 35 429.172
5 Македонската академија на науките и уметностите -МАНУ 24 259.127

Договори за набавки со државните институции потпишале 186  компании, но 43 отсто од вредноста на сите тендери добиле пет фирми.

„Гифти текс“ за два договора добила 1,1 милион евра, додека „Алкалоид“ за 18 договори добила 299.862 евра.

Големи разлики во цените од институција до институција има кај сите производи што се набавуваа во кризата: маски, ракавици и скафандери, покажува истражувањето на ЦГК. Кај маските, освен големите разлики во цените во зависност од видот на маската, големи разлики има и кај цените на маските од ист вид. Институциите купувале 16 различни видови маски. Најскапо платена е маска од видот „FFP2“ – 448 денари по парче, а најголеми разлики во цените за еден ист вид маски имало кај „респираторните маски N95“, коишто се движат од 66 до 313 денари за маска.

Кај „заштитните скафандери за еднократна употреба“, цените се движат од 177 денари до 1.156 денари по скафандер. Инаку, низ набавките, забележани се седум различни описи на набавените скафандери, од коишто најскапиот е по цена од 1.788 денари – опишан како медицински заштитен скафандер.

И кај ракавиците има пет различни видови, чии цени се движат од 1,8 денари до 9,32 денари за една ракавица.