ЦГК: Многу политички кадри членови на управни одбори во државните претпријатија


Само една третина од членовите на надзорните одбори за контрола на материјално-финансиското работење имаат економско образование и поседуваат знаења и искуство од дејноста на финансиското и сметководственото работење, покажуваат резултатите од истражувањето „Право или политика: Изборот на членови на управните и надзорните одбори во државните претпријатија“ на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), што е објавено денеска.

Истражувањето е проследено со отворена база на податоци за членовите на управните и на надзорните одбори на 30 најголеми претпријатија во земјата.

Во истражувањето се посочува дека како членови на управните одбори во најголемите државни претпријатија се јавуваат многу политички кадри, секторски директори во други државни претпријатија, припадници на државната администрација, сметководители во приватни компании, секретари на училишта, педагози, психолози па и раководител на бензинска пумпа, сопственик на златарски дуќан,…

-Владата и единиците на локалната самоуправа немаат официјален документ што го регулира процесот на селекција на членовите на раководните органи на претпријатијата што ги основаат. Тие, како основачи, не објавуваат огласи за избор на членови во раководните органи на државните претпријатија, не вршат проверка на квалификуваноста ниту, пак, ги интервјуираат потенцијалните кандидати. Со биографии на членовите на управните и на надзорните одбори на дел од државните претпријатија не располагаат ниту основачите, ниту самите претпријатија, се посочува во истражувањето на ЦГК.

Од обемното истражување во коешто беа вклучени и основачите и претпријатијата, како што додава Центарот, не можело да се утврди кој, врз основа на кои критериуми и во каква постапка им предлага на Владата и на општинските совети да ги изберат токму тие лица за членови на управните и на надзорните одбори.

-Со оглед на целосната нетранспарентност на процесот, оправдан е сомнежот дека списоците за именување на членови на управните и на надзорните одбори на претпријатијата во државна сопственост се составуваат надвор од институциите, односно во партиските кругови, се потенцира во истражувањето на ЦГК.

Според податоците објавени во истражувањето, висината на надоместокот за членовите на одборите се движи од 800 денари по одржана седница, колку што се плаќа во Комуналец – Прилеп, до 27.000 денари месечно, за претседателот на Надзорниот одбор на Македонската радио-телевизија. Гледано на годишно ниво, најголеми вкупни трошоци за членовите на одборите има Водовод и канализација-Скопје, и тоа 2,2 милиони денари, односно околу 36 илјади евра.

Истражувањето што е спроведено во рамките на проектот „Засилување на интегритетот и намалување на корупцијата во државниот и во приватниот бизнис-сектор“, финансиран од Европската Унија, е достапно на opendata.mk.