Цензусот диктира избори за Влада
Паралелно со оптимистичките најави на власта и на опозицијата дека вториот изборен круг ќе биде успешен, се подготвува и резервен план доколку во недела нема цензус. Во Владата најавуваат дека веднаш ќе бидат распишани предвремени парламентарни избори и тие би се одржале наесен. Сепак, најпрво ќе се чекаат резултатите во недела вечер, а потоа, доколку нема излезеност од најмалку 723.253 гласачи, ќе се размислува дали и како Собранието ќе интервенира за во иднина да не се повторува вакво сценарио.
Нови уставни измени?
Всушност, на „Илинденска“ во моментов размислуваат за неколку опции што им стојат на располагање во случај на неуспешни избори. Првите две ќе бараат ново менување на Уставот. Според првата опција, претседателот на државата веќе нема да биде избиран на непосредни избори, туку во Собранието. За да се случи тоа, потребно е двотретинско мнозинство, со што повторно ќе се бара компромис со опозицијата. Во моментов, во СДСМ и во ВМРО-ДПМНЕ преовладува мислењето дека непосредните избори се сепак подобро решение бидејќи на тој начин им се остава на граѓаните самите да избираат, додека во Собранието епилогот секогаш би бил познат и би одел во прилог на владејачкото мнозинство што не би било добро за демократичноста. Од друга страна, избор на претседател во парламентот би оставил голем простор за пазар меѓу коалициските партнери, па не чуди што ДУИ не е против.
Од тие причини, од партијата на Али Ахмети се против намалување на цензусот од 40 на 30 отсто бидејќи албанските гласови веќе не би биле одлучувачки и не би биле на цена како сега или во некои минати изборни циклуси. Тоа е, всушност, втората опција, за која повторно ќе треба двотретинско мнозинство по Бадинтериов принцип што значи дека е невозможен без гласовите на албанските пратеници.
Постои и третата опција, а таа е заедно со предвремените избори да се распишат и претседателските без да се менува ништо што значи дека повторно ќе се бара 40 отсто излезеност. Но, тогаш растат шансите да се случи тоа, затоа што праксата покажува дека граѓаните се многу помотивирани да гласаат на парламентарни отколку на претседателски избори.
Имено, последни претседателски избори без да има предвремени парламентарни или локални се одржаа пред 15 години кога Бранко Црвенковски го победи Сашко Кедев. Тогаш излезеноста беше 53,6 отсто. Потоа, цензусот беше намален на 40 отсто во вториот, па на изборите во 2009 година, кои се одржаа заедно со локалните, Ѓорге Иванов го победи Љубомир Фрчкоски, а одѕивот беше 42,61 проценти. Во 2014 година претседателските избори беа заедно со предвремени парламентарни, а одѕивот тогаш беше околу 54 отсто.
Непрецизни членови
Уставните измени се процес што ќе земе најмалку шест месеци, а различно е толкувањето кога треба да бидат распишани нови претседателски избори доколку пропаднат тие в недела. Во членот 122 од Изборниот законик пишува: „Доколку и во вториот круг на гласање ниту еден од кандидатите не го добил потребното мнозинство гласови, се повторува целата изборна постапка“. Рокови не се прецизирани. Дел од правниците се повикуваат на членот 14 од Изборниот законик во кој се наведува: „во случај на престанок на мандатот на претседателот на Републиката, од кои и да е причини, изборот за нов претседател се врши во рок од 40 дена од денот на престанокот на мандатот“. Ако се следи овој член, тогаш парламентарниот спикер Талат Џафери би требало да ги распише изборите веднаш по вториот круг ако нема цензус. Но и овој член е непрецизен, па затоа дел од експертската фала го цитира членот 82 од Уставот, кој наведува: „во случај на смрт, оставка, трајна спреченост да ја врши функцијата или престанок на мандатот по сила на Уставот, до изборот на нов претседател на Републиката, функцијата претседател на Републиката ја врши претседателот на Собранието“. Тоа значи дека Џафери би бил и претседател на државата, но не е јасно утврдено до кога, односно не пишува колку време ќе ја извршува функцијата и треба да се распишат нови избори.
Премиерот Зоран Заев изјави дека доколку на неделните избори победи Гордана Силјановска-Давкова или не биде обезбеден цензус, ќе распише предвремени парламентарни избори.
„Застанавме зад независен претседателски кандидат кој очекуваме дека ќе го устоличиме во иден претседател на Република Северна Македонија. Јас верувам во тоа и тоа е моја желба, посветеност и очекување за иднината на државата. Секако, за тоа на крајот одлучуваат граѓаните и ако тие одлучат поинаку, ќе проектираме термин за предвремени парламентарни избори“, рече лидерот на СДСМ.
И неговиот политички противник од ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, рече дека е уверен оти цензус ќе има, а ќе победи Силјановска. Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, се надева на поголема излезеност во вториот круг и најави оти органите на неговата партија работат на тоа цензусот да биде постигнат.
Европските власти бараат изборите да бидат кристално чисти за да може земјава да се надева на преговори за членство во Унијата. Тие препорачуваат дека би било добро за државата да избере претседател и да не се занимава со нови избори наесен, со што ќе трпат и бараните реформски процеси.
Горан Адамовски
Фото: Борис Грданоски