Цензура во Холандија: Казнети водечки весници поради текстови за „Оземпик“


Холандското здружение на новинарите, Здружението на главните уредници, Фондот за слобода на печатот и гранковската организација на издавачите НДП (NDP) побараа итен разговор со Инспекторатот за здравствена заштита и млади, револтирани од високите глоби што ова тело им ги изрече на повеќе водечки весници поради нивното новинарско известување за лекот „Оземпик“ (Ozempic).

Инспекторатот ги казни дневните весници „Ен Ер Се“, „Волкскрант“, „Алгемејн Дагблад“ и „Телеграф“ со образложение дека со објавените текстови за „Оземпик“ извршиле јавно рекламирање на лекот, што е стриктно забрането со холандскиот Закон за лекови, објави весникот „Финансиеле Дагблад“ (Financieele Dagblad).

„Незадоволството и загриженоста поради овие глоби се присутни кај сите во медиумскиот сектор. Ова е загрижувачки тренд што создава ефект на застрашување врз работата на новинарите, чија основна улога е објективно информирање на јавноста. Високите глоби ги спречуваат новинарите слободно да пишуваат и отвораат реален ризик од појава на самоцензура при известувањето за фармацевтски производи и лекови“, предупреди секретарот на Холандското здружение на новинарите, Томас Брунинг.