Центристот Бени Ганц поднесе оставка од воениот кабинет на Израел
Нетанјаху и натаму го има мнозинството, но тој сега е целосно зависен од екстремно десничарските сојузници

Израелскиот политичар и поранешен воен началник Бени Ганц ја исполни заканата дека ќе поднесе оставка од воениот кабинет на Бенјамин Нетанјаху, оставајќи го премиерот позависен од кога било на екстремно десничарските елементи на неговата коалициска влада.
Ганц, главен ривал на Нетанјаху, поранешен министер за одбрана и лидер на централно-десничарската партија Национално единство, му се приклучи на воениот кабинет од три лица како министер без ресор по нападот на Хамас на 7 октомври, потег што тој рече дека е заради доброто на единството на земјата.
Но, како што се одолговлекуваа израелската војна во во Газа, несогласувањата околу стратегијата и како најдобро да се вратат 250-те израелски заложници дома, се појавија на отворено, кулминирајќи со тоа што Ганц го обвини премиерот дека ги турнал настрана стратешките размислувања во корист на сопствениот политички опстанок и постави ултиматум за 8 јуни да ги претстави конкретните планови „ден потоа“ за Појасот Газа.
Ганц ја одложи својата очекувана оставка за еден ден по неочекуваното спасување на четворица израелски заложници во операцијата во која Министерството за здравство во Газа соопшти дека загинале 274 луѓе, а повредени се уште 698. Повлекувањето на неговата партија значи и дека генералот Гади Ајзенкот, набљудувач на воениот кабинет, се повлекува.
„Нетанјаху нѐ спречува да напредуваме кон вистинска победа“, рече тој во телевизиското обраќање во неделата вечерта. „Поради оваа причина, денес ја напуштаме владата за итни случаи, со тешко срце, но со цело срце“.
Ганц, исто така, го повика Нетанјаху да одреди датум за избори и додаде: „Не дозволувајте нашата нација да се распарчи“.
Овој потег не претставува закана за Нетанјаху, бидејќи премиерот сè уште ја контролира мнозинската коалиција во парламентот. Сепак, тоа влијае на респектабилноста на израелската влада на меѓународната сцена; Ганц е многу сакан во Вашингтон, каде што се смета за корисна кочница за Нетанјаху, а неговото отсуство значи дека екстремно десничарските сојузници на премиерот веројатно сега ќе имаат поголемо влијание врз траекторијата на војната во Газа и растечката закана од војна со Хезболах во Либан.
Екстремистичкиот министер за национална безбедност, Итамар Бен-Гвир, веќе го побара од Нетанјаху местото на Ганц во воениот кабинет.
Нетанјаху се обрати преку Икс по објавата на Ганц, велејќи дека е време да се „здружат силите“ наместо да има оставки.
Лидерот на израелската опозиција, Јаир Лапид, рече: „Одлуката на Ганц и Ајзенкот да ја напуштат пропаднатата влада е важна и правилна. Дојде време да се замени оваа екстремна и непромислена влада со здрава влада која ќе доведе до враќање на безбедноста на граѓаните на Израел, до враќање на киднапираните, до обновување на економијата на Израел и меѓународниот статус“, додаде тој.
Нетанјаху и неговиот министер за одбрана, Јоав Галант, се единствените двајца преостанати членови на воениот кабинет и честопати не се разбираат. Се вели дека премиерот сега размислува да го затвори воениот кабинет и да се врати на поранешниот модел во кој безбедносните прашања прво се дискутираат на ограничен форум пред да бидат претставени на редовните состаноци на владата, на кои тој бара одобрение од министерите. (Според агенциите)