Централното собрание на АА одлучува што ќе прави понатаму партијата


Зијадин Села пред почетокот на седницата на Централното собрание (Фото: Б. Грданоски)

 

Членовите на Централното собрание на Алијансата за Албанците (или оние што не се поддржувачи на претседателот Арбен Таравари) денеска заседава во скопскиот хотел „Буши“ за да ги разгледа опоциите што ќе прави понатаму партијата. Дали целосно ќе се подели или ќе се бараат начини да се врати единството.

Зијадин Села, претседателот на Централното собрание пристигна еден час подоцна од закажаниот термин за почетокот на состанокот на ова партиско тело во придружба на повеќе негови поддржувачи.

Пред почетокот на состанокот Села во изјава за новинарите не знаеше дали неговото крило направило мнозинство во Централното собрание.

„Секој член на Централното собрание одлучува за партијата и за одлуките кои треба да се донесат во партијата. Ова е органот каде се носат конечни одлуки и тоа се очекува и денеска“, рече Села.

Членовите на Централното собрание на АА (Фото: Б. Грданоски)

На прашањето дали според статутот на партијата, Централното собрание може да го разреши Таравари од претседателската функција на партијата, Села рече дека тоа е можно, но дека конечна одлука носи Конгресот на партијата.

Тој рече дека покана за присуство на Централното собрание е пратена до Таравари, исто како и за секој член на ова тело. Таравари претходно најави дека нема да присуствува на состанокот, затоа што тој ја смета за легитимна средбата што тој ја одржа со своите поддржувачи во четвртокот во Куманово.

Централното собрание треба да одлучи како партијата ќе настапи на претстојните парламентарни и претседателски избори.

Доцна синоќа беа разрешени министрите за здравство и информатичко општество и администрација, Фатмир Меџити и Азир Алиу, по предлог на техничкиот премиер Талат Џафери, откако тие застанаа во поддршка на Таравари.