Централниот регистар, начелно, ги преброја граѓаните


Фото: Б. Грданоски

Централниот регистар на население, што денеска беше пуштен во употреба од Министерството за јавна администрација и инфроматичко општество, покажа дека Северна Македонија има повеќе од 2,6 милиони граѓани.

Односно, тоа значи дека 2.618.391 луѓе имаат македонско државјанство.

Како што појасни министерот Дамјан Манчевски во регистарот има запишани 2.867.892 лица, но 2.618.391 лице се водат како живи. Рече дека законски се обврзани податоци за граѓаните да чуваат во следните 50 години по нивната смрт.

Исто така, активни жители во земјава регистарот покажал дека има 2.422.484 од кои пак 29.885 се странци со пријавено место на живеење во земјава.

Додека пак, иако законски граѓаните се обврзани да го пријават своето иселување во странство, тоа го направиле само 175.553 граѓани.

Постои пропишана казна од 500 евра, ако не го пријават своето иселување, но тие речиси да не се казнуваат.

Сепак, потенцира министерот точната бројка граѓани треба да ја покаже Пописот, планиран за април 2020 година, затоа што тој е насочен да ги регистрира и иселените и оние кои се на привремена работа во странство.