Централниот регистар на население овозможува пристап до електронски услуги


Министерот за информатичко општество и јавна администрација Дамјан Манчевски денеска го претстави Централниот регистар на население. Податоците ќе бидат користени од надлежните институции за потребите при давање на услуги.

Регистарот ќе биде помошна алатка при спроведување на Попис и при пречистување на Избирачкиот список.

При промена на личен податок во една институција, промената ќе биде извршена во сите институции поврзани на системот на Регистарот. Граѓаните ќе можат да направат увид на своите податоци или на своите малолетни деца. При евентуални грешки МИОА нема да може да ги промени, но ќе ги насочува граѓаните каде ќе можат да го сторат тоа.

Министерот Манчевски вели дека ажурирањето и размената на податоците ќе се врши согласно Законот за заштита на лични податоци.

„Регистарот на население содржи податоци кои се унифицирани, верифицирани, стандардизирани и валидизирани. На овој начин, со пуштање во употреба на Регистарот, граѓаните конечно нема да се соочуваат со проблемот на различни податоци во различни институции и дати бази“, истакна министерот Манчевски.

Според Манчевски, Регистарот на граѓани ќе биде основа за креирање на единствен електронски број на граѓанинот.

„Овој број ќе биде клучен за системите кога граѓанинот ќе побара услуга од институциите. Секој граѓанин има право да ги знае неговите лични податоци содржани во Регистарот. МИОА воведува нова услуга со која секој може да провери кои податоци се запишани во регистарот. Секој граѓанин има право да знае кој ги користи неговите лични податоци. МИОА воведува нова услуга со која секој може да побара информација за тоа која институција, кога и поради која причина ги користела податоците од Регистарот за граѓанинот. Понатаму, Регистарот на население ќе биде алатка која ќе го помогне спроведувањето на Пописот, а податоците од Регистарот ќе бидат и искористени и за пречистување на Избирачкиот список“.

Министерот Манчевски, даде осврт и на целиот процес на дигитализација на јавната администрација.

„Регистарот на население е основата без којашто дигитализацијата на јавната администрација беше невозможна. Податоците впишани тука, се дел од Националниот портал за е-услуги, којшто исто така, многу скоро ќе биде пуштен во употреба. Се што досега беше синоним за досадни, долги, фрустрирачки редови на чекање, од следниот месец ќе почнува постепено да биде заменето со неколку кликови на Порталот за е-услуги, од вашиот компјутер или мобилен. Реформата на јавната администрација со цел обезбедување на побрзи и поквалитетни услуги на граѓаните може да се реализира само со помош на дигитализацијата. Од денеска, можам со задоволство да кажам дека тој процес е конечно во фаза на континуирана реализација и имплементација“, заклучи министерот Манчевски.