Централен регистар за клубовите – тие што нема да ги променат имињата ќе се избришат


 

Организациите регистрирани согласно со одредбите на Законот за здруженија и фондации кои нема да ги усогласат имињата и дејноста, се бришат од Регистарот, соопшти денеска Централен регистар. Оттаму потсетуваат дека

согласно измените од Законот за здруженија и фондации, здруженијата се должни во рок од три месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон да ги усогласат своето име и/или назив, скратено име, програма, цели и дејности, согласно со одредбите од Законот за здруженија и фондации. Рокот за усогласување истекува денес – 16.02.2023.

„Организациите регистрирани согласно со одредбите на Законот за здруженија и фондации, кои нема да ги усогласат името и/или називот, скратеното име, програмата, целите и дејностите се бришат од Регистарот врз основа на донесена одлука за неусогласеност од страна на министерот за правда по претходно добиено негативно мислење од Комисијата. Одлуката за неусогласеност од страна на Министерството за правда се донесува во рок од четири месеци од денот на влегувањето во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации“, се вели во соопштението.

Во него се нагласува дека од бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид стигнал допис за промена на името, а Централниот регистар ги упатил да поднесат пријава и прилози за соодветната промена..

Во текот на утрешниот ден, Централниот регистар ќе достави список на здруженија кои понатаму треба да бидат предмет на анализа од страна на Министерството за правда. Дополнително, Централен регистар ќе достави информација до Министерството за правда дали клубот од Охрид постапил по известувањето што му е пратено и го сменил името.