Централен регистар тврди дека немал обврска да ја контролира ИВЗ


Фото: Б. Грданоски

Централниот регистар реагира на информациите од Државната комисија за спречување на корупцијата од каде денеска соопштија дека ќе бараат одговорност од раководството на Централниот регистар бидејќи од Исламската верска заедница (ИВЗ) пет години наназад не била доставена завршна сметка, а институцијата не презела никакви дејствија.Од Централниот регистар велат дека ИВЗ е непрофитна организација и како таква не е обврзана да составува финансиски извештаи и да ги доставува до нив.

„Согласно член 18 од Закон за сметководство на непрофитни организации, непрофитните организации чијашто вкупна вредност на имотот или годишниот приход е помал од 2.500 евра во денарска противвредност не се обврзани да составуваат финансиски извештаи и да ги доставуваат во Централен регистар во согласност со одредбите на овој закон. Тие непрофитни организации се должни да ја водат најмалку книгата за благајната и книгата на приходи и расходи“,се вели во реакцијата на Централен регистар.

Додаваат дека токму поради тоа што согласно Закон за сметководство на непрофитни организации не е задолжително доставувањето на финансиските извештаи, регистарот не поведувал постапки против ниту една верска заедница, црква или религиозна група.

Според ова, тие велат дека Централен регистар на Република Северна Македонија не може да знае колкави се нивните приходи кои ги водат во книгите за благајни и книгата на приходи и расходи. Додека пак, обврската согласно Законот во конкретниов случај е на ИВЗ.