Централен одбор на СДСМ, Заев: Ќе се дискутира и за актуелните политички случувања


Изборот на претседатели на комисиите како помошни тела на СДСМ ќе биде доминатна тема на денешниот состанок на Централниот одбор на владејачката партија. Изборот на потпретседатели не е на дневниот ред, изјави  лидерот на СДСМ Зоран Заев пред почетокот на седницата на Централниот одбор во партиското седиште во Скопје.

-Доминатна е изборот на претседатели на комисиите како помошни тела. Тоа се стручните тела на СДСМ, извршниот одбор ги утврди, а сега согласно статутот на партијата мора да ги утврдиме и на Централниот одбор, потоа следува нивно доекипирање, рече Заев.

Тој најави дека денеска на Централниот одбор ќе биде соопштен и изборот на новата координаторка на Форумот на жени на СДСМ, а ќе се дискутира и за актуелните политички случувања, како и за идните теренски активности како подоготвка на партијата за претстојниот период.

Запрашан дали на денешниот состанок на Централниот одбор на дневен ред е и изборот на потпретседателите на партијата, Заев рече дека сеуште немаат одлука за тоа и затоа тоа  и нема да биде тема на Централниот одбор.

Седницата на ЦО на владејачката СДСМ се одржува непосредно пред лидерската средба која премиерот и лидер на партијата Заев ја закажа за утре.