Централен митинг на Сириза во Атина


Последниот ден од предизборната кампања, само неколку часа пред молкот, грчкиот премиер и претседател на Сириза, Алексис Ципрас, исто како и во пресрет на европските избори одржа митинг во центарот на Атина.

Лидерот на владејачката партија на неколку пати во неговите интервјуа за грчките медиуми порача дека „во натпреварот е можен пресврт“, односно дека СИРИЗА може да направи пресврт на изборите в недела, во однос на резултатот од европските избори.

Поддржувачите на партијата кои вчера и покрај топлото време и високите температури во Атина излегоа на централниот митинг во разговор со дописничката на МИА од Атина велат дека причината за евентуалниот пораз на СИРИЗА би била во неизлезноста.

-Не верувам дека луѓето не гласаа за нас, едноставно избраа да не излезат на гласање, вели повозрасен Грк во однос на резултатите од европските избори и поразот на СИРИЗА.

-Можен е пресврт, јас по природа сум оптимист. Верувам дека на изборите, ако не победиме, барем ќе имаме мала разлика и тоа за нас ќе биде голема победа, коментира поддржувач на партијата на Ципрас.

-Тешко е да се направи пресврт. И знаете зашто? Бидејќи против СИРИЗА се игра нефер натпревар. Медиумите играат валкана игра против СИРИЗА, вели за МИА грчки студент.

За Договорот од Преспа симпатизерите и гласачите на СИРИЗА велат дека е еден од најхрабрите и најпозитивните чекори направени од грчкиот премиер. А во разговор со дописничката на МИА од Атина, коментираат дека влијанието на

решението меѓу двете земји на изборниот резултат е помало од очекуваното.

-Договорот од Преспа одигра многу мала улога. И тоа не таму каде што стравувавме дека ќе влијае, односно во градовите од северниот дел на земјата, туку низ цела Грција

-Сите знаевме дека Преспа ќе донесе политичка цена, но бевме подготвени на тоа и не се каеме. Зошто? Затоа што Алексис Ципрас, нашиот лидер се запиша во историјата, успеа да реши прашање кое никој претходно не се осмели да го реши, објаснува млада Гркинка.

-Десницата во Грција одигра валкана игра. Иако уште во минатото, уште од 2005 прифатила има е со терминот Македонија, сега одбра да игра на националистичка карта. Секогаш десницата во Грција играла на оваа карта, вели Грк – поддржувач на СИРИЗА.

Алексис Ципрас во неговиот говор се осврна и на Договорот од Преспа, велејќи дека сега, Грција на северната граница има „земја пријател и сојузник, а не непријател“.

Грчкиот премиер, во обраќањето од Синтагма, на граѓаните, пред тие да решат за кого ќе го дадат нивниот глас на изборите им ја постави дилемата, да размислат каква била ситуацијата во земјата во 2014 односно пред доаѓањето на СИРИЗА на власт и каква е сега, јави дописничката на МИА од Атина.

Рече дека присуството на граѓаните на митингот им дава одговор на сите оние кои од вечерта на евроизборите „побрзаа да шијат костими за власт“.

-Големиот пресврт во недела е пред сѐ прашање на свест за секој и секоја, за секоја Гркинка и секој Грк. И ние денес, од овде, од плоштадот Синтагма, од срцето на Атина, го повикуваме секој и секоја да размисли што помина земјата до 2014 и да размисли каква е денес земјата. И да размисли каде бевме и каде сме сега. Се наоѓавме во длабоката провалија на банкротот, денес земјата е повторно слободна, а Гркинките и Грците можат да се концентрираат на една подобра иднина, со оптимизам, рече Ципрас во неговиот говор.

На плоштадот Синтагма, на централниот и последен предизборен митинг, присутни беа голем дел од министрите во грчката влада, но и актуелни и кандидати за пратеници.

Според сите истражувања на јавното мислење во Грција, објавени во предизборниот период, СИРИЗА, на утрешните избори ќе биде поразена од најголемата грчка опозициска партија Нова демократија.