Центар за деца со попреченост во Општина Карпош


 Општина Карпош ќе добие Центар за деца со попреченост. Неговото отворање е новиот проект во рамки на Проектот за подобрување на социјални услуги што го спроведуваат Министерството за труд и социјална политика и Светска банка.

Од Општина Карпош информираат дека во рамки на овој центар ќе бидат опфатени 32 деца со попреченост, од кои 16 деца на возраст од 2 до 5 години и 16 деца на возраст од 6 до 10 години и тие ќе имаат можност да престојуваат во дневниот престој на деца со попреченост, каде давател на услугата ќе биде македонското „Монтесори” здружение.

Од локалната самоуправа посочуваат дека во наредните пет месеци ќе се спроведуваат активности за воспоставување на услугата: адаптирање на простории, нивно опремување и обука на персоналот во ООУ „Вера Циривири Трена“, по кој период доследно и квалитетно ќе се испорачува оваа социјалната услуга.

-Младите ќе имаат стручна помош и поддршка преку индивидуален и групен третман, како и соодветна психосоцијална поддршка за децата со попреченост и нивните семејства. На овој начин ќе се помогне во унапредување на развојот на детето, на неговите когнитивни вештини, а ќе се подобри и нивната социјализација во заедницата, велат од општината.

Од Општина Карпош информираат дека веќе го спроведуваат проектот за нега на стари лица во домот, кој исто така е дел од Проектот за подобрување на социјални услуги, кој се спроведува преку МТСП и Светска банка.