Центар урива нелегални бараки – отвора пат за учениците од „Коле Неделковски“


Општина Центар започна со отстранување на нелегално поставени објекти на јавна површина како што се диви доградби и тераси, со кои се узурпира јавниот простор.

Акцијата започна денеска со отстранување на бесправно изградена барака на ул. „Антоние Грубишиќ“.

Општина Центар го спроведува отстранувањето на оваа напуштена и нефункционална барака за да обезбеди безбеден пристап на учениците до основното училиште „Коле Неделковски“. Со тоа ќе се прошири постоечкиот влез во ова училиште, со што излегуваме во пресрет на барањата на засегнатите жители, родителите и самото училиште.

,,Повторно упатувам апел до сите инвеститори, сопственици на нелегални објекти и доградби, да постапуваат по издадените решенија и да го почитуваат Законот. Во спротивно, општината присилно ќе ги отстрани, со што трошоците за отстранувањето ќе паднат на товар на инвеститорите, односно сопствениците на нелегално поставените објекти’’ порачува Герасимовски.

Општина Центар до крајот на годината ќе спроведе шест Решенија за присилно административно извршување на нелегално поставени објекти и доградби.