Центар ќе биде домаќин на првиот општински полумаратон „CENTAR NIGHT RUN“
Општина Центар, во соработка со „Прв до врв“, на 12 септември го организира „CENTAR NIGHT RUN“ – првиот општински полумаратон во државата и нов спортско-забавен настан во срцето на Скопје.
Ноќната урбана трка ќе започне во 18:00 часот, а учесниците ќе трчаат низ центарските улици, во поинаква вечерна атмосфера.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ги повикува граѓаните, љубителите на трчањето и спортот да бидат дел од првото издание на „CENTAR NIGHT RUN“.
„Сакаме Центар да живее и преку спортот и да создава настани што ги обединуваат луѓето. Особено ми е драго што токму нашата општина ќе биде првата општина домаќин и организатор на полумаратон во државата. На 12 септември ги отвораме центарските улици за тркачите, но и за сите граѓани кои сакаат да бидат дел од една поинаква вечер исполнета со спорт, дружење и забава. Ги поканувам сите да ни се придружат“, вели Герасимовски.