„Центар и пријателите“, започна предновогодишната забава на „Боемска 1“ во Дебар Маало


Започна предновогодишната забава на улицата „Боемска 1“ во Дебар Маало. Станува збор за дводневни настани за децата и возрасните кои ги организираат Општина Центар заедно со општествено одговорните компании. Улицата „Боемска 1“, ечи денеска од детските радости, песни и музички настапи, градоначалникот Горан Герасимовски на дечињата им ја честита новата година и им посака многу здравје, среќа и успеси. На бината ги покани и Дедо Мраз и Спајдермен кои им поделија пакетчиња на присутните дечиња. 

„Ми причинува огромно задоволство што со пријателите и донаторски компании успеавме да го организираме овој настан. Има пресреќни дечиња, родители, баби и дедовци и навистина од нивните лица се гледа дека ова недостасуваше. Имавме турбулентна и кризна година да ја испратиме со песна, а новата 2023 да ја дочекаме со насмевки, позитивна атмосфера и нови очекувања“, изјави Герасимовски.

Предновогодишната забава која денеска се одржува на „Боемска 1“ е со детска програма во која учество земаат дечиња од сите градинки во општината, ученици од сите осум основни училишта и деца од хорот и балетската група на Детскиот културен центар Карпош. Додека за утре се најавени настапите на Дaц и Александар Митевски, Драган Б. Костиќ, Фиц од „Студени нозе“ и Тамбураши. Денеска покрај поделените пакетчиња на присутните деца, пакетчиња беа поделени и во детските градинки во Општина Центар.