„Цените се до плафон“: Ковачевски очи во очи со незадоволна пензионерка
„Животот стварно дојде многу тежок, па не можеме да купиме ниту лекарства, ниту храна“. Вака жена потрошувач во скопски маркет го „начека“ премиерот Димитар Ковачевски
„Цените се до плафон, со два денари за макарони и денар за јајца замрзнати на 99 денари, значи што е тоа поевтинување. Животот стварно дојде многу тежок, па не можеме да купиме ниту лекарства, ниту храна“. Вака жена потрошувач во скопски маркет го „начека“ премиерот Димитар Ковачевски, кој со министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на Пазарниот инспекторат Горан Трајковски ги проверуваа замрзнатите цени на основните прехранбени производи, како и спроведување на најновата мерка за цената на јајцата.
„Ова е јавна дебата, така? Поставувам и незгодни прашања“, рече жената, која се претстави како пензионерка со мала пензија.
Премиерот Ковачевски се согласи дека цените се зголемени.
„Точно е дека цените беа многу зголемени, затоа што има војна во Европа и секаде се зголемени. Она што направивме за дел од производите, ги замрзнавме цените и тоа на тестенините за 15 проценти, а на млечните производи за десет проценти. Ја замрзнавме и цената на јајцата, на оризот, а намалени се и цените на брашното за десет проценти, со владини одлуки и со разговори со стопански комори. Таму каде што не можеше да се направи џентлменски договор, го направивме со владина одлука само да ги намаливме цените Зголемување на пензиите и намалување на цените, за да може секој да ја преброди кризата. Тоа е она што владата го има на располагање“, рече Ковачевски.
Тој одговори и на прашањето за висината на пензиите, што беше една од забелешките на незадоволната пензионерка.

„Во септември ќе има уште едно зголемување, со кое ќе има 25 проценти зголемување на пензиите кое што никогаш го немало. Методологијата вели дека секој март и секој септември пензиите се зголемуваат согласно порастот на трошоците на живот, односно инфлацијата, и согласно порастот на просечната плата“, рече Ковачевски додавајќи дека во март пензиите се зголемија за 8,4 проценти.
На забелешката дека најтешко им е на пензионерите со најниски пензии, Ковачевски рече дека Владата прави сѐ што може.
„Контактираме на дневна основа со претседателката на Асоцијацијата на здруженијата на пензионери. А, за оние кои што имаат пониски пензии, вие ако сте во таа категорија знаете дека за пензиите под 14 илјади денари направивме тримесечен еднократен финансиски надомест заради кризата, со цел да може секој да ги покрие трошоците. Кризно време е но цел буџет го користиме за такви работи“, рече Ковачевски.
На ова реагираше жената велејќи: „Може ли обратно едно прашање. На најмалите пензии да одат четири, а на најголемите помалку“.

На ова премиерот Ковачевски одговори дека тоа прашање било разговарано со Асоцијацијата на здруженија на пензионери и дека имало обид во минатото, пред повеќе од 15 години, за една таква методологија.
„Меѓутоа, со оглед дека пензијата е право од работен однос, а не право од социјална заштита, проблемот е ако тоа се направи се доведува во прашање законитоста на таа одлука. Затоа направивме еднократни финансиски надоместоци за оние кои што имаа пониски пензии од просечната плата – тогаш беше нивото 18.050 денари, и до 14 илјади издвојувавме од владиниот буџет финансиски средства за да дојдат до ниво до 18 илјади“, одговори Ковачевски.