Цените на храната на глобално ниво паднаа за 13,7 отсто минатата година


Според податоците на Организацијата на ОН за храна и земјоделство (ФАО), глобалните цени на храната минатата година паднале за 13,7 отсто во споредба со претходната година.
Намалувањата беа најизразени кај житариците и маслото, бидејќи се намалија проблемите со снабдувањето, пренесе француската новинска агенција АФП.

Житариците лани поевтинија во просек за 15,4 отсто, што, според ФАО, ја потврдува понудата на светските пазари. Последиците од шокот за нив по рускиот напад врз Украина, важен светски извозник на жито, така се помалку видливи.

Сепак, цената на оризот порасна, што ФАО го припишува на неповолните временски услови и извозните ограничувања што ги наметна Индија. На тој начин цените на оризот се зголемија за 21 отсто на годишно ниво.

Просечната цена на растителното масло падна за 32,7 отсто, а шеќерот порасна за 26,7 отсто.

Како што додава АФП, просечните цени пресметани од ФАО не се пренесуваат директно до продавниците за малопродажба, бидејќи тие се под влијание на многу други фактори.