Цените на челикот се зголемија тројно. Сега Банката на Америка го вклучи алармот


Можно ли е да се создава меур кај хартиите од вредност поврзани со челикот?

Пандемијата ја стави на колена американската индустрија за челик минатата пролет, принудувајќи ги производителите да го сопрат производството, обидувајќи се да ја преживеат економијата во блокада. Но, како што започна обновувањето, челичаните бавно го продолжија производството, и тоа создаде огромен недостиг на челик.

Сега, повторното отворање на економијата предизвикува челичен бум, толку силен што некои се убедени дека тоа ќе заврши со солзи.

„Ова ќе трае кратко. Многу е соодветно да се нарече меур”, изјави аналитичарот на Банката на Америка, Тимна Танерс за Си-Ен-Ен Бизнис, користејќи го зборот (меур, заб) што аналитичарите на пазарот на капитал во најголемите банки обично го избегнуваат.

Откако минатата година достигнаа околу 460 американски долари, репер цените на челичните топло валани лимови сега се движат околу 1.500 долари за тон, рекордно високо ниво што е речиси тројно повисоко од просекот во изминатите 20 години.

Акциите на компаниитте од челичната индустрија „горат. US Steel, кој минатиот март падна на рекордно ниско ниво, поради стравувањата од банкрот, за само 12 месеци вртоглаво порасна 200 отсто. Нукор само оваа година забележа скок од 76 отсто.

Додека „недостигот и паниката“ денес ги креваат цените и акциите на челик, Танерс предвидува болен пресврт, бидејќи понудата се надополнува со, како што вели, неимпресивната побарувачка.

„Очекуваме ова да се исправи – и често кога има корекција, таа е прекумерна“, вели Танерс, дводецениски ветеран од металната индустрија, автор на извештајот од минатата недела со наслов „Акциите на челичарниците во меур“.

Малку пенливо“

Фил Гибс, директор за истражување на капиталот на металите во „КиБанк капитал маркетс“, се согласува дека цените на челикот се на неодржливи нивоа.

„Ова би било како нафта од 170 долари за барел. Во одреден момент, луѓето ќе речат: ‘По ѓаволите, нема да возам, ќе одам со автобус, изјави Гибс за Си-Ен-Ен бизнис. Корекцијата ќе биде многу интензивна. Прашање е само кога и како ќе се случи”.

Гибс вели дека е „повеќе убеден дека цената на челикот е во меур“, отколку што самите акции се во меур.

„Шумот на челични меурчиња е само последната дебата за одржливоста на подемот на пазарот во оваа ера на рекордно ниски каматни стапки. Биткоин, етереум, догекоин и други криптовалути горат. „GameStop“, „АМЦ“ и нивните колеги ги запалија акциите подгреани на „Редит“ и тие вртоглаво пораснаа на почетокот на оваа година. И компаниите со празни чекови, некои поддржани од познати личности, собираат огромни пари.

Дури и претседателот на Федералните резерви Џером Пауел го призна ризикот од премногу шпекулации.

Се гледаат работи на пазарите на капитал кои се малку ‘пенливи’“, рече Пауел за време на минатонеделната прес-конференција. „Тоа е факт. Нема да кажам дека нема никаква врска со монетарната политика, но исто така има огромно влијание поради вакцинацијата и повторното отворање на економијата“.

Со повторното отворање економијата недостига речиси сè

Челикот е само последниот недостиг што ја погоди американската економија која закрепнува од пандемијата испреплетувајќи се со синџирите на снабдување, проследено со остри промени во побарувачката.

Недостиг има речиси за сè, од компјутерски чипови и дрвена граѓа до хлор и возачи на камиони со цистерни. Производителите, рестораните и другите бизниси се исто така очајни за работници.

Во меѓувреме, Меѓународната агенција за енергетика предупреди оваа недела дека нема доволно бакар, литиум и други минерални суровини кои ќе овозможат глобалните амбиции за чиста енергија да се реални. Светот ризикува „да остане без бакар“, велат стратезите на Банката на Америка во неодамнешната белешка до клиентите.

Слично како дрвената граѓа, челичната индустрија беше затечена од брзото закрепнување на побарувачката што започна минатото лето – особено во автомобилската индустрија.

„Одеднаш луѓето купуваа многу автомобили“, вели Танерс, аналитичар на Банката на Америка.

И, им требаше време на старите фабрики за производство на челик во Америка да го продолжат производството што значајно го намалија на почетокот на пандемијата. Залихите на челик брзо се намалија и испораките се одложуваа, исто како што купувачите на челик започнаа да порачуваат повеќе од вообичаеното.

Врв на цените?

Добрата вест, барем за купувачите на челик, е што аналитичарите велат дека се вратил целиот капацитет на производство на челик во САД кој бил во мирување за време на пандемијата.

Затоа, Танерс изјави дека е многу сигурна дека недостигот наскоро ќе заврши, предизвикувајќи пад на цените на челикот. Историјата покажува дека залихите на челик „имаат тенденција да достигнат врв“ еден месец или нешто пред цените на челикот, напиша Танерс во својот извештај.

Таа вели дека американскиот челик особено е ранлив на падот на цената, бидејќи овој сектор има најголем износ на долг и најголема потреба да потроши за да ги надгради своите погони.

Но, засега, акциите на челикот може да продолжат да изгледаат привлечни за инвеститорите, бидејќи во моментов индустријата прави пари. Секторот за челик во Северна Америка се очекува да оствари рекордна заработка во 2021 година, според Ситигруп.

„Тековните цени на челикот се на врвот (или блиску до него)… и во одреден момент ќе се корегираат нагло на пониски нивоа“, напиша аналитичарот на Сити, Александар Хакинг, во белешката до клиентите во средата. „Сегашното сценарио им ја претставува на инвеститорите класичната дилема за највисок приход.

Хакинг сепак предупреди дека акциите на челик не можат да избегаат од падот на цените на производите. „Можеме да се потсетиме на точно нула примери каде што капиталот на челичаните се зголеми во услови на корекции на цените на металите од 25 отсто или повеќе“, напиша тој.

Судбината на царините на Трамп

Се разбира, оние што предвидуваат пад на цените на челикот можеби ја потценуваат силата на глобалното економско закрепнување. Подолготраен бум може да ја подигне побарувачката на челик доволно за да ги задржи високите цени. Друг ризик е дали построгите еколошки прописи во Кина ќе го ограничат снабдувањето со челик.

Една голема вајлд карта е судбината на царините за повеќето увезени челици што администрацијата на Трамп ги воведе во 2018 година за да ја зајакне домашната индустрија.

Доколку администрацијата на Бајден врати дури и некои од тие тарифи, тоа ќе ги намали ограничувањата во снабдувањето и ќе влијае на цените на челикот.

Танерс смета дека тоа веројатно ќе се случи во следните 12 месеци.

„Ние ја штитиме индустријата каде што има недостиг и цените се речиси трикратно зголемени во однос на историски просеци“, вели таа. (Си-Ен-Ен)