Цената на водата во Скопје останува непроменета


Потрошувачите во Град Скопје и понатаму ќе плаќаат иста крајна цена за потрошената вода иако ќе имаат различни ставки за трите водни услуги што се пресметуваат во сметките за потрошена вода.

-Во текот на минатата недела Регулаторната комисија за енергетика ја одобри регулаторната тарифа за цената за вода во Град Скопје со која цената на водата остана непроменета. Со оваа одлука постапивме во сголасност со законската регулатива, и вкупниот трошок што го плаќаат скопјани ќе остане ист, рече претседателот на РКЕ Марко Бислимоски на денешната прес-конференција.

Тој појасни дека согласно  Законот за определување на цени за водни услуги, во сите општини во државата  се плаќа за три услуги – трошок за вода за пиење, трошок  за прочистување и трошок за одведување (канализација).

-Крајната цена за вода на скопјани останува иста, но ќе има различни ставки во сметките за вода кои ќе ги добиваат во наредниот период, бидејќи тоа е законска обврска и веќе е имплементирана во сите општини во државата и е обврзувачка за сите јавни претпријатија, па и за ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, рече Бислимоски.