Цената на пелетите е ограничена на 27.000 денари за тон, дистрибутерите предупредуваат на недостиг


 

Владата донесе одлука да ја замрзне цената на пелетите на 27.000 денари за тон согласно предлогот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и на Министерството за економија, информира денеска ресорниот министер Крешник Бектеши.

Од Националното здружение на производители и дистрибутери на продукти од биомаса „Биомак Енерџи“, пак, велат дека ако остане ограничувањето на цената, од 1 декември на пазарот нема да има пелети.

„Одлуката за цените на пелетите и огревното дрво е донесена согласно анализите и предлозите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Национални шуми. Во анализите за октомври просечната увозна цена за тон пелети е 22.940 денари, а цената која ја замрзнавме е 27.000 илјади денари по тон, рече Бектеши на денешната средба со новинарите.

Во замрзнатата цена, како што рече, се предвидени трошоците за ДДВ и транспорт, како и одредена маржа за трговците.

„Има разлика од повеќе од 4.000 денари по тон што сметам дека е солидна разлика за трговците да не се во загуба и да ги покријат сите режиски трошоци“, прецизира Бектеши.

Продажната цена по килограм пелети во земјава е околу 55 денари, а со замрзнувањето ќе биде 27 денари за килограм.

Со ваквите процени не се согласуваат производителите и дистрибутерите.

Преку 80 проценти од потребите за пелети ги обезбедуваме од увоз, а со мерката што ја донесе Владата на 2 ноември цената на плетите е ограничени на пониско ниво од влезните цени, реагираат тие.

„Солуцијата која ние ја нудиме сега е да се врати претходната мерка којашто исто така била репресивна, а тоа е ограничување на маржата на 10 проценти. Доколку остане во сила сегашната мерка, од 1 декември нема да има нови количества на пелети на пазарот и ние ја повикуваме Владата да најдеме заедничко решение за да има пелети“, истакна претседателот на Националното здружение на производители и дистрибутери на продукти од биомаса „Биомак Енерџи“, Владимир Стојановски.

Тој нагласи дека во услови кога Владата го субвенционира градското парно со 18 милиони евра, тие побарале субвенции од државата за граѓаните кои се греат на пелети и огревно дрво, но досега не добиле одговор.

Стојановски информира дека главните пазари од каде што се увезуваат пелетите се Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Бугарија, но, како што нагласи, во моментов Србија и БиХ вовеле забрана за извоз, Црна Гора воспоставила квоти и дозволи за секој камион посебно со што извозната процедура се отежнува, додека Бугарија нема доволни количества на пелети за извоз.

Единствен избор за увоз на пелети во последните пет до шест месеци е Турција, но како што информираше Стојановски, и таму цените се високи затоа што, пазарните цени и услови ги диктира Германија.

Тој додаде дека има побарувачка од страна на граѓаните, но ако сегашната мерка остане во сила тоа ќе биде неодржливо и нефункционално во пракса.

Во 2021 година во земјава се потрошени 120 илјади тони пелети, од кои 95 илјади од увоз, а останатите 25 илјади се од домашно производство.

„Во моментов влезната цена од Турција се движи меѓу 27,5 до 30-31 денар по килограм, а Владата кажува дека треба да продаваме по 27 денари. По тие цени ние не можеме да продаваме. Веќе има количини влезени во тие цени, значи оттука натаму увозот што ќе се врши е по повисоки цени од продажната и ние сме во апсурдна ситуација во којашто не можеме да функционираме. Крајниот резултат за жал ќе биде дека за многу брзо време ќе нема пелети на пазарот“, вели Стојановски.

Според податоците на Здружението, околу 40 до 45 илјади домаќинства се греат на пелети, а градско парно користат околу 60 илјади домаќинства, што, според Стојановски, во квадратура и во квантитет на луѓе, корисниците на пелети се повеќе од градското парно и рече дека и тие граѓани треба да се опфатат со мерка за субвенционирање.

Во однос на денешната изјава на министерот за економија Крешник Бектеши, кој тврди дека цената за увоз во октомври би изнесувала 23 илјади по тон и затоа цената е ограничена на 27 илјади по тон или 27 денари килограм, со кое се калкулирани заработувачката и останатите трошоци, Стојановски одговори дека тие цени се од просек кои ги вклучуваат цените дури од мај и јуни и дека тоа е лажна слика. Според него, од сега, па натаму увозните цени на пелети во земјава ќе бидат повисоки од продажните.