Цената на парното зголемена за 14,18 отсто

Кај просечна сметка за топлинска енергија од 1.800 денари, зголемувањето би било 250 денари


Од 1 август цената на парното греење ќе биде зголемена за 14,18 проценти, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика.

Тоа значи дека кај просечна сметка за топлинска енергија од 1.800 денари, зголемувањето би било 250 денари.

– Цела Европа и регионот имаат сериозни проблеми во енергетскиот сектор заради превисоките цени на енергетските ресурси и намалените количини на природен гас што се увезуваат од Русија. За производство на топлинска енергија користиме увозен природен гас чија цена денес е околу 10 пати повисока од цената во јули 2021 година. Енергетските компании што вршат снабдување со топлинска енергија побараа зголемување на цената и до 78 проценти. Во денешните одлуки зголемувањето на цената за најголемиот број потрошувачи кои се снабдуваат од БЕГ е само 14,18 проценти што се должи на значајната субвенција во цената на топлинската енергија за домаќинствата од страна на Владата, изјави претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.

Се предвидува ТЕ-ТО да обезбеди 70 проценти од потребната топлинска енергија, а 30 проценти да се обезбедат од топланите.

Доколку ТЕ-ТО не работи и ако нема субвенции од државата, како што посочи Бислимоски, цената би се зголемила за над 100 проценти.

– Доколку не е можно да се увезат потребните количини на природен гас за производство на топлинска енергија во ТЕ-ТО и топланите, тогаш сета потребна топлинска енергија ќе мора да се произведе во топланите со користење на мазут, што е многу неповолно од еколошки аспект, и е ризично заради потенцијалната неможност да се обезбедат потребните количини на мазут, рече Бислимоски.

Апелира до сите потрошувачи, почнувајќи од институциите на централно и локално ниво, во грејната сезона да ги следат препораките на ЕУ за штедење и намалување на греењето.

– Еден степен намалување на температурата овозможува заштеда на енергенс од околу 5 процентирече Бислимоски на денешната прес-конференција.

 

Битиќи: Топлинската енергија во Скопје ќе биде испорачана навреме

Навреме ќе биде испорачана топлинската енергија до домаќинствата во Скопје, граѓаните не треба да се грижат, порача претходно денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

На денешната прес-конференција во Владата, Битиќи нагласи дека она што е најважно во моментот е постапката за избор на нов економски оператор на топлинска енергија да биде транспарентна и да заврши навреме.

–  Според Законот за енергетика, БЕГ мора да ги исполнува своите обврски додека не се назначи нов економски оператор. До пред две седници на Владата беше задолжен Генералниот секретаријат да распише процедура за нов економски оператор. Дали тоа ќе биде ЕСМ или било кој друг оператор не можеме да прејудуцираме, рече Битиќи, одговарајќи на новинарски прашања.

Прашан дали Владата се подготвува финансиски да помогне во случај ЕСМ да биде избран за нов оператор, Битиќи одговори дека најпрво треба да се види која ќе биде новата цена на парното греење, а потоа да се разгледа дали ќе бидат потребни евентуално финансиски интервенции.

– Ако ЕСМ го преземе управувањето со топлиниската енергија во град Скопје, како секоја друга компанија ќе треба да има соодветни финанасиски ресурси. Мислам дека они влегуваат во ова на начин како што влегуваат во било која друга инвестиција, рече Битиќи.

Од Владата најавуваат и мерки за поддршка за најранливите категории на граѓани кои немаат алтернатива за греење, освен парно.

– Министерството за финансии веќе работи на дизајнирање на ваквите мерки за поддршка на најранливите категории. Мерките треба да бидат таргетирани и насочени кон семејствата кои имаат ниски примања, рече министерот за економија Крешник Бектеши.