Цената на парното ќе зависи од условите за природниот гас што ќе се договорат со „Гаспром“


Во однос на цените на парното веќе се започнати преговори со „Гаспром“ од страна на „Макпетрол“ кој е главен увозник на природен гас. Имајќи во предвид дека ние имаме само еден влез, еден интерконектор со Република Бугарија каде што главно количините се обезбедени од страна на „Гаспром“ и во Република Бугарија и сме зависни, во делот на цената што ќе ја понуди „Гаспром“, порача министерот за еконмија Крешник Бектеши и додаде дека цената на парното греење зависи од цената на природниот гас.

-Тоа не е проблем само на Северна Македонија, тоа е голем проблем и на ЕУ заради политиките кои ги прави Русија преку „Гаспром“. За тоа, нашата цел како Влада е да направиме диверзификација во делот на снабдување со природен гас. На почетокот на наредната година ќе почне со изградба новиот интерконектор со Република Грција и на таков начин да ја зголемиме конкурентноста и во овој дел на енергијата во нашата држава што нема да придонесе позитивно само во нашата држава, но и во регионот, бидејќи ќе имаме повеќе можности за снабдување со природен гас, рече Бектеши во одговор на новинарско прашање на прес-конференцијата по завршната конференција „15 години ја олеснуваме трговијата“ по повод едногодишното претседавање на земјата со ЦЕФТА.