Цената на гасот во Босна и Херцеговина се зголемува за повеќе од 23 отсто по барањето на „Гаспром“


Во Федерацијата Босна и Херцеговина цената на гасот ќе се зголеми за 23,3 отсто, откако руски „Гаспром“ тоа го побара од „Енергоинвест“, компанијата која ја снабдува оваа енергија во Босна и Херцеговина.
Владата на Федерацијата на Босна и Херцеговина во четвртокот ја прифати информацијата за поскапување на гасот почнувајќи од третиот квартал годинава, информираше министерот за енергетика, индустрија и рударство, Нермин Ѓиндиќ.

„Ова е директно барање за поскапување од ‘Гаспром’ до ‘Енергоинвест’. ‘Енергоинвест’ итно побара корекција“, изјави министерот Ѓиндиќ по седницата на Владата. Сојузното Министерство за трговија предложи корекција на цената, што беше одобрено од Владата на Федерацијата на Босна и Херцеговина, објасни тој.

Во барањето на „Енергоинвест“ беше наведено дека новата големопродажна цена на природниот гас за дистрибутерите треба да се зголеми од сегашните 414 евра за кубен метар гас на 511 евра. ДДВ не е вклучен во цената.

„Енергоинвест“ своето барање за поскапување на гасот го образложи бидејќи поскапувањето не може да се покрие од постојната тарифа.

Босна и Херцеговина од минатата година добива руски гас преку турскиот гасовод откако „Енергоинвест“ еднострано го раскина договорот со снабдувачот ФГСЗ, поради што унгарската компанија ја тужи Федерацијата Босна и Херцеговина за обештетување од 21 милион евра.