Целосно се затвораат кафулињата и продавниците, освен маркетите и аптеките


Како превентивна мерка од ширење на корона вирусот министерот за здравство Венко Филипче, вечерва на прес-конференција, рече дека Кризниот штаб донесол одлука да се затворат сите продавници во трговските центри, освен маркетите, продавниците за храна и аптеките.

Како што појасни Филипче, рестораните кои подготвуваат храна може да работат, но храната да ја доставуваат на алтернативен начин, односно, да ја доставуваат до дома или пак, ако ја презема купувачот, тоа да го прави надвор од објектот.

Истото им го порача и на сите други продавници.

– Тие може да вршат продажба, на алтернативен начин, односно, да вршат продажба преку интернет или телефон и да вршат достава до дома, на соодветен начин, рече министерот Филипче на прес-конференцијата.

Исто така, ќе бидат затворени и сите казина, обложувалници и други објекти каде се организираат игри на среќа.

Б. Богдановска