Целосно реконструиран Центарот за вработување во Куманово


Директорот на Агенцијата за вработување Абдуш Демири денеска го посети Центарот за вработување во Куманово, кој е комплетно реконструиран.

Како што соопшти Агенцијата за вработување, Центарот за вработување во Куманово доби нова фасада на зградата, променета е покривната конструкција и прозорците со што се зголеми енергетската ефикасност на целиот објект. Набавен беше и котел на пелети кој значително ќе ги намали трошоците на греење на објектот, кој досега се греше на струја, а реновирана беше и водоводната и канализациската мрежа.

– Невработените лица и работодавачите сега услугите за намалувањето на невработеноста и зголемувањето на вработливоста во Куманово можат да ги добијат на место кое е функционално и реновирано, согласно стандардите за заштита на животната средина и намалување на ефектите од аерозагадувањето, потенцираше Демири.

Директорот Демири потсети дека во тек е реализацијата на Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2021 година. Ги повика сите невработени лица и работодавачи од Куманово да го посетат реконструираниот Центар за вработување и да се информираат за можностите кои овој Оперативен план ги нуди.

Реконструкцијата на Центарот за вработување во Куманово финансиски е поддржана од Европската Унија преку проектот „ЕУ за млади“. Проектот за модернизација, санација и адаптација на објектот на Центарот за вработување во Куманово чини 10.294.492 денари.