Целосно модернизирање на начинот на кој се справуваме со отпадот


На денешната партнерска конференција за одржливо управување со отпад, насловена како „Преобмислување на отпадот – од предизвици до одржливи решенија“ фокусот беше ставен на итноста од подобрување на управувањето со отпад во Северна Македонија, при што регионалниот систем за управување со отпад (РСУО) се наметнува како најдолгорочно и најодржливо решение.
 
„Пред неколку години бевме со политичките чинители во Општина Битола, во непосредна близина во Грција, во кожанската депонија, кадешто на сличен начин е планирано да се управува и во нашата депонија. исто и таа депонија е во близина на два големи града и опслужува отприлика ист број на жители. Во близина е на Птолемаида и во близина на Кожани, на исто растојание како што е и оваа“, рече градначалникот на Општина Новаци, Стевче Стефановски, каде треба да се изгради едната регионална депонија, а граѓаните на Битола протестираат против изградба на депонија во Новаци.
 
Заменик-министерот Ресми Ејупи нагласи и дека Министерството за животна средина и просторно планирање веќе има наменето неповратни средства од заемот од ЕБОР за Југозападниот и Пелагонискиот регион, во висина на 47 милиони евра. Средствата ќе се користат за набавка на возила и садови за собирање на отпад, изградба на трансфер станици (Дебар, Охрид, Прилеп), затворање на депонијата во Новаци, изградба на централната постројка и техничка помош, а во тек е и постапката за набавка на контејнери, канти и опрема за селектирање и собирање на сметот.

Воспоставувањето на регионално управување со отпадот ќе овозможи подобра еколошка контрола на активностите за управување со отпад преку намалување на депонирањето, односно намалување на количината на отстранет отпад и зголемување на искористувањето и рециклирањето на отпадот, намалување на нелегалното фрлање, справување со нелегалните депонии и сметишта. Меѓу другото, тоа ќе доведе до зголемување на приходите, зголемување на вработеноста во индустријата за отпад, поврзан раст на приходите и раст на бруто домашниот приход (БДП), како и развој на циркуларна економија која ќе овозможи поголемо искористување на ресурсите, а со тоа и економски раст – истакна Ејупи, додавајќи дека останува на локалните самоуправи да продолжат со започнатиот процес кој е единствено одржливо, економски исплатливо и трајно решение за справување со огромните количини бесправно расфрлан отпад.

 
Ефикасното управување со отпадот е од суштинско значење за секоја држава, бидејќи директно влијае на јавното здравје, животната средина и економскиот развој. Соодветниот систем го намалува загадувањето, спречува ширење на болести и ги штити природните ресурси, додека истовремено помага во ублажување на климатските промени преку намалување на емисиите на стакленички гасови и поттикнување на циркуларната економија.
 
Еден од најгорливите проблеми во Северна Македонија е состојбата на инфраструктурата за управување со отпад. Голем дел од возниот парк за собирање отпад е стар над две децении, а руралните подрачја остануваат недоволно опслужени. Нелегалното исфрлање отпад продолжува, бидејќи депонирањето сè уште е најевтината опција. Затворањето на депониите што не ги исполнуваат стандардите е неопходен, но скап процес – само за 16 локации во Пелагонискиот и Југозападниот регион потребни се над 25 милиони евра. Ова е сериозен потфат, имајќи го предвид фактот дека повеќе од 99% од собраниот отпад завршува на депонии, а воедно, не целиот отпад што се создава се собира – остатокот завршува на нелегални ѓубришта.  Во 2023 година, оваа разлика изнесуваше 30%.
 
Потребна е посветеност на реформите и значајни инвестиции во модернизација на системите за собирање отпад, зголемување на селектирањето и рециклирањето, и воспоставување на регионални центри за управување со отпад.
 
Клучниот чекор во оваа трансформација е Регионалниот систем за управување со отпад (РСУО), кој треба да ги замени застарените општински депонии со модерни санитарни депонии и постројки за третман. Овој систем обезбедува усогласеност со еколошките стандарди на ЕУ, ги оптимизира трошоците преку меѓуопштинска соработка и овозможува долгорочно и одржливо решение за управување со отпадот.
Сепак, успешната имплементација на РСУО ќе зависи од подготвеноста на општините да ја преземат одговорноста за процесот, како и од обезбедувањето на финансиски механизми што ќе го поддржат неговото функционирање на долг рок. Доколку овие реформи не се спроведат навреме, ризиците по животната средина и јавното здравје ќе продолжат да растат, а трошоците за справување со кризата во иднина ќе бидат уште поголеми.
 
Конференцијата е организирана во рамки на проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“ кој е финансиран од Шведска и реализиран од SALAR International во соработка со партнерите МЖСПП, МЛС и ЗЕЛС.