Целосно ќе бидат исплатени сите заостанати субвенции кон сточарите, ветува Николовски


Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски вчера попладне престојуваше во Дебар каде во општинската зграда оствари средба со замјоделци од ова подрачје.

– Од Дебар започнуваме со низата средби на кои детално, транспарентно и отчетно ќе го презентираме новиот модел за субвенционирање за земјоделците. Промената која ја предлагаме за сточарите предвидува субвенционирање на основните репродуктивни грла, односно тие што ќе даваат месо и млеко, објави Николовски.

 

Додаде дека се предлага зголемување на субвенциите, кај овците од 1000 на 1700 денари и кај млечните крави од 3000 на 4000 денари.

– Дополнително со новиот модел сакаме да ја забрзаме исплатата за произведеното и предадено млеко и работиме на тоа да креираме систем каде исплатата на оваа мерка нема да доцни и ќе биде на месечно ниво, наведува тој во објавста.

Според него, оваа ќе биде прва година во која комплетно ќе бидат исплатени сите заостанати субвенции кон сточарите.

На подрачјето на двете општини сточарите располагаат со стадо од над 30 илјади грла овци.