Целосна забрана на движење во Грција


Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис попладнево соопшти целосна забрана на движењето во Грција, што стапува во сила утре во шест часот наутро, а дозволено ќе биде само посета на супермаркети аптеки, посета на лекари или лица на кои им треба грижа, индивидуално спортување, прошетка на домашните миленичиња и оние кои работат да стигнат до нивните работни места и граѓаните, за прекршувачите ќе следува казна од 150 евра, јави дописничката на МИА од Атина.

-Пред малку, им дадов наредба на надлежните министри да ги преземат неопходните активности, за од шест часот наутро во понеделник на 23 март, односно од утре, да стапи во сила забрана за секаков вид непотребно движење на граѓаните во целата држава, рече Мицотакис на почетокот од видео пораката до граѓаните.

Грчкиот премиер објасни дека секој граѓанин додека е надвор, ќе мора задолжително да носи лична карта или пасош, но и потврда за причините зошто излегол. На, како што рече, едноставен начин потврдите ќе може да се добијат преку интернет, преку порака на мобилните телефони, а можат да бидат дури и рачно напишани.

Од ограничувањата се ослободени членовите на владата и парламентот, вработените во здравствените служби, во армијата, во полицијата, како и во службите за цивилна заштита

За контролата ќе бидат задолжени полицијата, општинската полиција, крајбрежната служба како и националниот орган за транспарентност.

-Во Италија, за жал, на секои две минути починува по еден човек. А ситуацијата се влошува насекаде во светот. Должен сум, да не дозволам, нашата земја да помине низ таков тест. Не смееме да стигнеме до степен да избираме кој ќе живее и кој ќе биде изгубен. Мојот избор е еден и единствен: Животот и здравјето на Грците, порача Мицотакис.

Грчкиот премиер во видео пораката до граѓаните рече дека коронавирусот „не разликува граници и народи, приходи или социјални групи“.