“Цело тело тука ме боли” – Светлана Цеца Бојковиќ гостува со комедија во НОБ


Славната српска актерка Светлана Цеца Бојковиќ доаѓа во Македонија. Гостува со комедијата „Цело тело тука ме боли“ на 8 април во НОБ. Другите улоги ги толкуваат: Радован Вујовиќ и Андријана Оливериќ, а текстот и режијата  е на Никола Пејаковиќ. 

Комедијата “ Цело тело  тука ме боли”, си поигрува со актуелните, современи болести на општеството, комбинирајќи ги со проблемите на сите времиња кои го следат односот меѓу доминантна мајка и син единец; врска која се движи од жестоки конфликти до крајно интимни односи во кои доминира малограѓанството на мајката и разгалувањето на синот.

Мајката решава тајно, без знаење на синот, да пишува огласи и да ги залепи околу Кошутњак и Баново брдо дека син и држи часови по математика, за да го раздвижи и да го извлече од апатијата и екстремната депресија во која западнал. Двајцата живеат во голема куќа на Баново брдо. Нивниот татко и сопруг Живан одамна умрел, а двајцата  живеат досаден и монотен живот, во неприродна заедница.

Синот не прави ништо, само дува трева и гледа телевизија, тоне во целосна незаинтересираност за животот и за светот надвор. Едно утро во таа куќа влегува млада жена на која и треба настава по математика. Покренува цела низа ситуации кои на крајот, со многу комични пресврти, драматично влијаат на нивните животи. После тоа утро, ништо во нивните животи нема да биде исто.

Делото е создадено врз основа на мотивите од “Лекција” на Ежен Јонеско, и раскажува апсурдна приказна за нашето време, кое, на многу начини, може да се нарече – време на апсурдот.

Иако изгледа речиси дневно-политички актуелна, оваа приказна допира проблеми кои се стари откако постои човекот. Општеството тоне во грев и простатлук, без разлика што одредени делови  силно му се спротивставуваат. Публиката ќе ги препознае настаните и ликовите од околината, ќе се смее и исмејува со оние на сцената. Оваа претстава никого не аболицира, сите се виновни, нема невини.