Цело раководство на Јувентус поднесе оставка поради аферата со Роналдо и платите на играчите


 

Огромни потреси во еден од најтрофејните европски клубови. Комплетното раководство на Јувентус, сите негови водечки луѓе, денеска поднесоа оставки, напуштајќи ги своите функции, пренесува италијанската „Газета дело спорт“.

Претседателот Андреа Ањели, неговиот заменик Павел Недвед и извршниот директор Маурицио Аривабане заминуваат од клубот, а со нив Јуве го напуштаат и низа директори и пониски функционери, меѓу кои Лоренс Дебро, Масимо дела Раџионе, Катрин Финк, Даниел Марилуњо, Франческо Ронкаљо, Џорџо Такиа и Сузан Кивуд.

Сите заминуваат затоа што клубот е обвинет дека во 2018, 2019 и во 2020 година на сомнителен начин стигнал до приходи. Под истрага се 16 лица, сегашни и поранешни вработени во клубот, а меѓу имињата кои се под најсериозна истрага се токму водечките тројца, Ањели, Недвед и Аривабене.

Зад целата афера се тајните документи кои клубот ги потпишал со Кристијано Роналдо во времето на пандемијата на корона вирусот. Според нив, Јувентус на својот тогашен напаѓач му ветил исплата од 19,9 милиони евра, што според обвинителството, не е наведено во финансискиот извештај на клубот.

Спомнатиот износ Јувентус ветил дека ќе го исплати на Роналдо, дури и ако клубот го напушти пред крајот на договорената соработка, што португалскиот напаѓач и го направи со заминувањето во Манчестер јунајтед. Јувентус во време на пандемијата најави големо намалување на платите, а потоа потврди дека поради финансиски проблеми на играчите им скратил од претходно договорените примања.

Но, обвинителството се обидува да докаже дека тоа не е точно, и дека постојат неприкажани документи меѓу клубот и играчите, односно дека сметките на клубот се фалсификувани, и тоа за 2019, 2020 и 2021 година. Пронајден е токму таков документ кој Роналдо го потпишал со тимот од Торино. Претходно, наводно, Роналдо одбил да даде изјава за обвинителството кога го прашале за спорните документи.